Како се прават дигитални игри на другата страна на светот? Што е актуелно во Америка, а што во Азија? Што значи да имаш издавач кој инвестира во твојата игра? Какво е чувството кога играта ќе ти биде презентирана на Gamescom и Pax West, а интервју ти прави Thomas Brush? Овие прашања и уште многу други ќе бидат дискутирани на мастер-клас предавањата кои ќе се одржат на Универзитетот за информатичка наука и технологија "Св. Апостол Павле", Охрид, на 17-ти септември, сабота, во 12 часот.
Предавачи ќе бидат Ian Rochlin од Рио де Жанеиро, Бразил, претседател на интернационалниот натпревар Game Jam Plus и Боби Мојсовски од Охрид, основач на MystiveDev и гејм девелопер на Mirror Forge.
Ian Rochlin е еден од најважните преставници на бразилската и јужноамериканската game development сцена. Game Jam Plus е најголемиот од многуте проекти кои ги има создадено. Тоа е настан со светско реноме, во кој учествуваат многу земји од сите континенти. Главната цел е да се промовираат младите game development тимови, да се обучат како професионално да работат, да се поврзат со инвеститори и да им се овозможи да ги издадат своите игри. Неговото предавање е на тема “From Brazil Across the World - How we built the biggest game development competition in the world”.
Боби Мојсовски веќе 8 години работи како 3D артист и гејм маркетер, за паралелно со тоа да развива и видео игри. Пред една година започна да ја развива играта Mirror Forge и за истата потпиша договор со издавачот DreadXP. Овој негов успех, потврда за големата посветеност, е достигнување и за македонската game development заедница, а најмногу за Охрид, град кој сѐ почесто импресионира со успеси во ИТ сферата. Темата на неговото предавање е “Full–Time Indie Dev: Game Development & Entrepreneurship”.
Веруваме дека двете предавања ќе бидат многу интересни за публиката во Охрид, а младите гејм девелопери ќе можат да научат од искуството и советите на професионалци. Предавањата се дел од подготовките за Game Jam Plus Macedonia натпреварот што ќе започне во октомври.
Присуството на Game Development Master Class е бесплатно. За пристутните ќе биде достапно кафе и освежување.