Депласирано е да се нагласува дека најважните механички системи за активна безбедност, како сопирачките и системот за управување, треба безусловно и во секое време да се во беспрекорна исправна состојба бидејќи нашата безбедност директно зависи од нивното правилно функционирање. Во текстов ќе стане збор за една немила случка која е илустрирана со фотографијата подолу, а се однесува на системот за сопирање кај модерните автомобили.
На фотографијата јасно се гледа како основата (базата) на една диск плочка е забиена во внатрешниот дел од алуминимумскиот бандаж, прободувајќи го. Катастрофална непријатна ситуација. Само неколку аспекти: за челичната основа од диск-плочката да се забие во бандажот, како услов е неопходно автомобилот во тој момент да се движел со голема брзина. Моја проценка е дека се движел со брзина поголема од 100 km/h и најверојатно со 150 km/h. Понатаму, диск-плочката е со истрошена кочна облога, што е прв знак за техничко неодржување на автомобилот. Трет многу незгоден момент, кој во содејство со претходните два момента довел до исфрлање на плочката од своето лежиште, е истрошеноста на дискот, т.е. дебелината на дискот е помала од минимално дозволената дебелина. Комбинацијата на сиве три елементи, во содејство со самиот чин на кочење, резултирала со исфрлање на диск-плочката од нејзиното лежиште и таа, така катапултирана, се зарива во алуминиумскиот бандаж. Знаеме дека алуминиумот е материјал со мала тврдина и лесно е да се заклучи дека плочката се зарила во бандажот, што резултира со издишување на гумата, но уште понезгодно за безбедноста е моментално откажување на предните сопирачки, што се манифестира со ненадејно пропаѓање на педалот за кочници.
А сега малку бројки до коишто дојдов со елементарна динамичка пресметка. Усвоив масата на диск плочката да е 0,25 kg. Пречникот на тркалото да биде 0,6 m. Брзината со којашто се движел автомобилот е голема и усвоив дека изнесува 150 km/h т.е. 41,066 m/s. Пречникот на дискот усвоив дека изнесува 0,3 m. Дебелината на бандажот на местото на ударот на диск-плочката усвоив дека изнесува 10 mm или 0,01 m. Овие влезни параметри се блиску до реалноста и изведени се од моето големо искуство и познавање на автомобилите. Со примена на овие влезни податоци ги добив следниве резултати: брзината на диск плочката што се катапултирала во моментот на кочење изнесува 75 km/h или 20,83 m/s; кинетичката енергија изнесува 54,23 Nm; самиот чин на пробивање на бандажот со таа брзина на плочката трае околу 0,0005 s. Ако кинетичката енергија се анулира за овој временски период, значи дека плочката располага со моќност од 108 460 W или 108,46 kW. Тоа е голема моќност со која нема шега и е сосема доволна да го пробие алуминиумскиот бандаж што е случај во овој осврт.
На крајот и неколку важни напомени.
Напомена 1: Системот за кочење секогаш треба да биде во исправна состојба. Не правете компромиси со него во ниеден негов дел или склоп!
Напомена 2: Редовно проверувајте ја истрошеноста на облогата на диск-плочките и кога ќе дојдат на дозволениот минимум веднаш заменете ги со нови и оригинални. Не штедете на деловите од системот за сопирање.
Напомена 3: Секогаш при проверка на сопирачките проверете ја и дебелината на дискот. Вредноста за минимално дозволената дебелина на секој диск е втисната на некое пасивно место од дискот. Работната дебелина на дискот не смее да е помала од минимално доволената дебелина на дискот. Ако ова се установи, веднаш и без никакви одлагања да се заменат дисковите со нови. Ова е згодна прилика за комплетно да се реновира системот за сопирање од вашето возило.