Рубрика: Информатика
Kомпјутерско глувче што бега ако претерате со работа
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 07.09.2022 - 16:00

Тешко е да се направи рамнотежа помеѓу работата и остатокот од животот, нели? А можеби и не... Ако тоа го направите на начинот што го предлага Samsung, постигнувањето на оваа рамнотежа ќе биде донекаде неизбежно, не оставајќи ви многу избор. Можеби ќе ви се чини лудо, но новото глувче Samsung Balance буквално “бега” ако претерате со работа...

Овој концептуален производ е плод на соработката со рекламната агенција INNORED и дизајнерското студио BKID. Навидум тој личи на сосема обичен безжичен компјутерски глушец. Меѓутоа, кога ќе дојде време да продолжите со вашиот животот надвор од канцеларијата, ‘ушите’ од глувчето ќе се исправат и тоа ќе побегне од под вашата ‘шепа’, ефективно спречувајќи го секој понатамошен обид за кликање.

Зад оваа навидум шегобијна ‘направа’ се крие мошне сериозното прашање за создавањето баланс помеѓу работата и остатокот од животот. За работохоличарите, на кои постојано им е потребен потсетник за да станат од бирото и дека имаат и друг дел од животот, ова глувче е совршен канцелариски додаток. Со помош на вградените сензори, ова глувчето ќе се оддалечи од вас, ефективно спречувајќи ве да работите понатаму. Не сметајте дека можете да го надмудрите уредот направен од некои брилијантни луѓе – глувчето ќе ја отфрли неговата надворешна “шасија”, ќе го открие неговото сино-розово јадро и ќе тргне по свој пат.

Глувчето Samsung Balance е дизајнирано како дел од кампањата за воспоставување рамнотежа помеѓу работата и остатокот од животот, којашто се спроведува во Кореја. Имено, огромен дел од професионалната популација во оваа земја е многу преоптоварена и целосно незадоволена од количината на време што им преостанува за да се посветат на други активности по работатните обврски. Откако пандемијата ги натера речиси сите да работат од дома, работниот ден што сите го поминуваат работејќи од дома трае многу подолго од редовното работно време.

Глувчето Samsung Balance можеби во моментов и не е вистински производ, но повеќе од сигурно е дека на светот му е потребно токму глувче што самото ќе избега штом саатот отчука крај на работниот ден ;)

Клучни зборови: