Интензивното сопирање или кочење на автомобилот е сложен статичко-динамички процес. Статички затоа што автомобилот не смее да излезе од рамнотежа, односно да се преврти, и мора сите четири тркала за време на кочењето да го допираат патот. Само под тој услов силата на кочење ќе е максимална и автомобилот ќе застане со најкраток можен сопирен пат. Процесот на кочење е и динамички затоа што при интензивно кочење тежиштето на автомобилот виртуелно се поместува нанапред и се пореметуваат сите односи на сили од тежините на предната и на задната оска.
Токму поради овој момент во автомобилите се вградува коректор на силата на кочење кој обезбедува силата на кочење на товарен автомобил да биде соодветно распределена на оските на автомобилот со што добиваме ефикасно интензивно кочење. Практично тоа значи дека силата на кочење се распределува на оските во зависност од нивното оптеретување со терет, т.е. оската која носи повеќе терет добива поголема сила на кочење а тоа се изведува со соодветна распределба на притисокот на хидрауличните кочници. Но, што станува ако коректорот на силата на кочење е расипан или од која било причина задните сопирачки не функционираат?
При интензивно кочење и при поволни услови на патот (исклучително висок коефициент на триење помеѓу гумата и асфалтот) може да дојде до ситуација задните тркала да се дигнат во воздух! Ова добро се гледа на фотографијата. Значи, овој случај во пракса е можен иако, пак напоменувам, за тоа треба да бидат создадени вистинските предуслови – сопирачките на задната оска да не кочат, да нема товар на задната оска и условите на патот да одат во прилог на настанот.
Куриозитет: од сериозна личност слушнав дека ова се има случено и на возило ЗАСТАВА 101 овде во Македонија, по што во автосервис потоа било уврдено дека коректорот на силата за кочење на задната оска бил во дефект.
Напомена: оваа незгодна појава не може да се случи при технички исправен автомобил!
Поука: потрудете се вашето возило да биде технички исправно во секое време и не тргнувајте на подолг пат без да ја проверите техничката исправност на вашето возило!