Рубрика: Биологија
Што значи кога кучињата имаат ладен нос? Или кога тој е сув?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.08.2022 - 12:15

Ако вашиот пес ви пријде за да вe излиже искажувајќи приврзаност, и ако притоа забележите дека носот му е постуден од вообичаеното, не кревајте паника. Дури и ако ви се чини дека е премногу сув – во најголемиот број случаи тоа е сосема нормално.

За почеток, носот на кучето вообичаено е топол и сув кога спие, но штом ќе се разбуди, кучето го лиже, правејќи го ладен и влажен. Студениот нос, којшто е почувствителен на топлината што ја зрачат околните објекти, всушност им служи на кучињата за да им помогне да ги откријат дури и најслабите извори на топлина што може да го сигнализираат присуството на плен.

Всушност, врвот на носот на кучето е преполн со нервни завршетоци – 300 милиони рецептори за мирис, кои функционираат како софистициран инфрацрвен сензор. Оваа интересна способност некогаш, во природата, беше препознаена само кај некои видови бубачки, змии и лилјакот-вампир, распространет на американскиот континент. Колку за споредба, човекот има “едвај” 6 милиони рецептори за мирис.

Од друга страна, кога ќе сфатите дека носот на вашиот четириножен пријател е сув, можете да бидете сигурни дека тоа и не мора да значи дека тој е болен. Ова, всушност, е само старо верување кое потекнува од времето кога кучињата главно се користеле за лов – ако кучето еднаш се заразило со кучешка дистемпера (вид вирус), всушност, носот му останува сув, а неговите “трагачки” способности, поточно сетилото за мирис, се трајно оштетени. Поради оваа причина, кога ловците купувале куче, го проверувале носот за да се уверат дека не набавуваат животно што не можат да го користат во ловот.

Истото верување потоа преминало и на мачките. Но, во реалноста, носињата на кучињата и на мачките остануваат влажни поради кондензацијата на воздухот што се настанува кога топлиот воздух што излегува од носот ќе дојде во контакт со студениот надворешен воздух, нешто што зиме е мошне забележливо а ни се случува и нам – ви текнува, онаа појава кога здивот ви „чади“. Фактот дека носот на кучињата и на мачките е сув или влажен речиси секогаш зависи од климатските услови – во лето, при суво време, тој ќе биде посув, додека во зима тој ќе биде повлажен.

Клучни зборови: