Викендов, на 13 и 14 август се одржа Светскиот КУП – Трофеј на Прилеп. Благодарејќи на поканата на организаторот зедов активно учество во мерење на времето на натпреварувачите. На тој начин ке се обидам да ги објаснам условите за текот на натпреварот а секако и добиените резултати објавени од ВЕБ страната на организаторот.
По паузата наметната од пандемиските услови, традицијата на Светскиот куп “Трофеј на Прилеп” продолжи – натпреварот ги опфати категориите на Слободно летачки модели, категорија Ф-1-А (едрилици), Ф-1-Б, (модели со гумен мотор) и категорија Ф-1-Ц (модели со погон на мотор со внатрешно согорување) качувачи. Како што споменав, натпреварот се одвиваше во два дена на новиот терен за натпревари во непосредна близина на с. Веселчани. Притоа првиот ден од натпрварот беше резервиран за најмасовната категорија Ф-1-А. Во согласност со ФАИ прописите и во договор со учесниците на натпреварот Организаторот одлучи да се оджат 5 турнуси, а по 18 часот да уследи дополнителен лет за одредување на победникот.
Подготовка за старт на модел Ф-1-Х
На крај пласманот беше следен:
Првото место го освои Небојша Стошиќ од Македонија, пред второпласираниот Козма Хубер од Шведска, додека третото место го освои Душан Фриц од Чешката Република. Имајќи ја предвид конкуренцијата од 77 пријавени натпреварувачи во оваа категорија, успехот на Небојша е од огромно значење.
Во јуниорска конкуренција македонската натпреварувачка Анастасија Пожарска го освои првото место пред Лука Најдовски, исто така од Македонија, и третопласираниот Капусен Раго од Франција.
Во екипна конкуренција од вкупно 20 земји, првото место убедливо го освои екипата на Македонија, пред екипата на Франција, а третото место го освои Чешката Република.
На старт со модел
Во вториот ден односно на 14 август се одржа натпреварот во категории Ф-1-Б, модели со гумен погон, и Ф-1-Ц, модели со мотор на внатрешно согорување – качувачи.
Согласно препораките на организаторот, се започна мошне рано. Но, времето едноставно не беше наклонето кон натпреваручачите. Иако беше предвидено да се одржат 7 турнуси, се одржаа едвај 4. Силното невреме, проследено со дожд, секавици и грмежи, не дозволи понатамошно натпреварување. Организаторот уште еднаш свика собир со водачите на екипите и натпреварувачите, при што одлучија да се одржи дополнителен лет, по 18 часот, за обете категории.
Па така, по комплетирање на поголема група на мерачи на време, се распоредија инатпреварувачите и се започна со изведување на дополнителниот лет од 8 минути. Прво старуваа моделите од категорија Ф-1-Ц (качувачи), а потоа моделите со погон на гума.
Во категорија Ф-1-Б беа пријавени 64 натпреварувачи од 20 земји, при што првопласиран беше Стефан Стефанчук од Украина, пред Евгени Горбан исто од Украина, а третото место го освои Ор Шабат од Израел.
Во јуниорска конкуренција првото место го освои Видак Веселиновиќ од Србија, пред Јувал Сари од Израел, а на наша голема радост, македонскиот претставник Петар Цветановски го освои третото место.
Во конкуренција од 20 земји екипно прво место освои Украина, пред второпласирана екипа на Србија, додека третото место и припадна на екипата од Норвешка.
Во најпрестижната категорија Ф-1-Ц, првото место го освои Артон Бабенко од Украина, пред Езра Шемеш од Израел, а третото место му припадна исто така на натпреварувач од Израел, Шломо Најари.
Екипно првото место го освоија натпреварувачите од Германија пред Израел и третопласираните натпреварувачи од Австрија.
Во пауза – време за дружба и размена на искуства
Овој извонреден натпревар го следев во две својства – како мерач на време и како дописник на Емитер. Временските услови беа крајно неповолни, па сите присутни лица кои не беа натпреварувачи беа максимално ангажирани за да се помогне успешното одрджување на купот. Особено би напоменал дека оваа година организаторот обезбеди и млади мерачи на време од прилепската играорна група и спортска атлетска екипа, па на тој начин се подобри квалитетот на мерењето на време. Особено што сите имавме помагала – дурбини со статив и квалитетни штоперици, што секако, помогна во целост ја извршиме задачата. Ние повозрасните ја имавме таа привилегија да помагаме и да ги подготвиме помладите за следниот натпревар – Европското првенство во истите категории што ќе се одржи деновиве.