Рубрика: Медицина
Најнова пресметка за одвишната смртност од ковид-19 во Македонија
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 11.08.2022 - 21:30

Според податоците за бројот на починати од најновиот месечен билтен бр. 7/2022 на Државниот завод за статистика (ДЗС), можеме да ја пресметаме најновата статистика за одвишната смртност (односно реалната смртност од ковид-19) од 1.4.2020 до 31.5.2022.

Очекуваната смртност во дадениот 26-месечен временски интервал, со земање предвид на месечната сезоналност, изнесува 43 395 починати (со интервал на доверба од 42 524 до 44 265, при ниво на доверба од 95%). Во истиот период, според извештаите на ДЗС починале 59 176 лица. Оттука се добива одвишната смртност од 15 781 лица (со 95% интервал на доверба од 14 911 до 16 652 лица). Одвишната смртност во најголем дел се должи на починатите од ковид (дијагностицирани и недијагностицирани), а помал дел на нелекуваните од други болести поради епидемијата (индиректни жртви на ковид-19).

Официјалниот број на починати во дадениот 26-месечен интервал заклучно со 31.5.2022 (таканаречената објаснета одвишна смртност) изнесува 9295 лица. Оттука се добива дека одвишната смртност (официјално и неофицијално потврдена поради ковид-19) е поголема од официјалната за околу 69,8% (со 95% интервал на доверба од 60,4% до 79,1%), колку што изнесува необјаснетата одвишна смртност. Забележуваме намалување на овие проценти од поранешните осумдесетина проценти бидејќи последните месеци во дневните извештаи на ИЈЗ – Скопје кон бројот на починатите се додаваат и дополнителните смртни случаи со дијагноза ковид-19 од системот „Мој термин“.

Пресметката можеме да ја прошириме и за периодот после 31.5.2022, до 10.8.2022. Применувајќи ги истите проценти на официјалниот број на починати од ковид-19 од почетокот на епидемијата до 10.8.2022, се добива дека одвишната смртност, односно вкупниот број на починати од ковид (официјално и неофицијално потврдени, заедно со индиректните жртви на ковид-19) изнесува околу 15 977 починати (со 95% интервал на доверба од 15 095 до 16 858 починати). Може да се каже дека досега од ковид-19 е изгубено население колку еден град со големина помеѓу Гевгелија и Радовиш!

Интересен е податокот дека во април и мај оваа година одвишната смртност, како и необјаснетата смртност се негативни, односно умреле помалку лица од очекуваниот сезонски број, но сепак во рамките на 95-процентниот интервал на доверба.

Сметајќи со официјалниот број на жители во државата од 1,83 милиони, можеме да го пресметаме одвишниот морталитет на 100 000 жители, којшто изнесува околу 873 починати на 100 000 жители (со 95% интервал на доверба од 824 до 921 починати на 100 000 жители). Со толку висок одвишен морталитет Македонија се наоѓа некаде помеѓу второто и четвртото место на светот, зад Бугарија, но во друштво на Србија и Русија. (извор: магазинот Икономист).

Споменатите четири земји, светски рекордери според смртноста, инаку се негативни европски рекордери според најнискиот опфат со вакцинација, па рекордно високата смртност не треба да зачудува. Додуша, во тропскиот и суптропскиот климатски појас има земји со понизок опфат со вакцинација, но поради животот на отворено, бројот на заразени и починати таму е помал отколку во континенталниот климатски појас.

Патем, според методологијата на Универзитетот Беркли од Калифорнија и институтот Макс Планк од Германија, што ја користи списанието Икономист, одвишната смртност во Македонија изнесувала 17 280 починати, заклучно со 31.5.2022, што е дури малку и над бројот добиен во моите пресметки.

Одвишниот морталитет според многумина се смета за најреален показател за смртноста од ковид-19, затоа што ги зема предвид и смртните случаи коишто не биле официјално потврдени со ПЦР тестирања.

Клучни зборови: