Рубрика: Автомобилска техника
Безбедно преминување преку легнати полицајци
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 08.08.2022 - 15:00

Легнатите полицајци, како што меѓу народот популарно се нарекуваат овие успорувачи на брзината на возилата во градските средини, поставени на локации со голем потенционален ризик за повреда на пешаци, претставуваат мошне ефикасна алатка за намалување на брзината на возилата.“Работат“ на принципот на “увреда и принуда”, во смисол на цедење на парите од паричникот, но се чини друг метод за дисциплинирање на возачите, најчесто, не постои. Цедењето на парите од паричниците на сопствениците на возилата се огледа во нагласеното амортизирање на возилото, во загубата на време заради инсистирање на минимална брзина на возење на одредена делница и во зголемената потрошувачка на гориво.

Редовно се поставуваат во близина на градинки, училишта, болници и слично. Добро си ја вршат работата наречена безбедност на сообраќајот на критичните градски делници. Навреме, со вертикалната сообраќајна сигнализација, има предупредување дека следуваат овие препреки и дека брзината е ограничена на 10 km/h. Но, некогаш и ова не е доволно за минимизирање на штетите врз возилото и во продолжение ќе дадам неколку совети и насоки како да поминувате со своето возило преку овие препреки.

Прво што треба да се знае и безусловно да се почитува е дека многу е опасно за вашиот автомобил да ги поминувате овие препреки со голема брзина. Во тој случај страда целата предница и задница а особено амортизерите со оглед дека тркалата нагло се вовлекуваат. Познато е дека силата на амортизерите пригушувачи (хидрауличните амортизери) е пропорционална на коефициентот на придушување на амортизерот и брзината на вовлекување на подвижниот дел на амортизерот т.е. тркалото. Големата брзина повлекува голема сила која ја напаѓа каросеријата и ги расклатува спојните места а во некои случаеви и ги деформира каросериските делови каде е прицвртен амортизерот. Ова со тек на време предизвикува тешки и некогаш непоправливи дефекти на каросеријата.

Второ што секогаш треба да се има на ум е никогаш да не се преминува преку легнатите полицајци кочејќи. Имено, при кочење предницата е припиена до патот, амортизерите се речиси максимално затегнати и кога предните тркала ќе наидат на легнатиот полицаец предизвикуваат големи дополнителни удари и тркалата реиси и да не можат дополнително да се повлечат кон каросеријата, што резултира со голем удар врз каросеријата преку граничниците на одот на амортизерите. Оваа појава го има истиот погубен ефект врз каросеријата како во претходниот случај, но во пределот на граничниците на одот на амортизерите. А за комоцијата на патниците и нивните трауми и да не говориме.

Трето што треба да се знае е дека брзината треба, по можност, максимално да се намали и менувачот, при преминот преку легнатиот полицаец, да е или во неутрална положба или ако е во некоја брзина преминот да се изврши со стегната педала од спојката или со притиснат куплунг. Познато е дека легнатиот полицаец има грпка која има зголемена должина за исто хоризонтално растојание од (на) патот а ако автомобилот е во брзина и со отпуштена педала од спојката тогаш при преминот тој нагло ќе успори како реакција од моментот што при преминот треба да ја наголеми брзината на вртење на моторот и ова многу непријатно се одразува на комоцијата при возење на патниците. Секако, ова важи само за погонскиот мост на возилото.

На крајот, да напоменам дека најдобро е да се почитуваат сообраќајните знаци и прописи и возилото да се управува максимално внимателно и безбедно. Безбедноста е пред сè! Филмот НИКОГАШ не може да се врати наназад доколку се случи сообраќајна несреќа. Несреќата е свршен чин. Затоа, внимавајте, максимално внимавајте додека го управувате вашето возило.

Клучни зборови: