Од неодамна, Данска на својата политичка сцена има партија целосно управувана од вештачка интелигенција. Според најавите партијата има намера да учествува на следните општи избори во таа земја, предвидени во јуни 2023 година.
Основањето на партијата било иницирано кон крајот на мај, од страна на данскиот уметнички колектив Компјутер Ларс. Партијата, соодветно наречена Синтетичка партија (Synthetic Party), е целосно под водство на вештачката интелигенција, но засега сè уште нема доволно потписи за учество на изборите. Нејзините креатори велат дека партијата била замислена како еден вид одговор на апстиненцијата на Данците, кога е во прашање гласањето. На последните општи избори гласале едвај 15% од нив.
Со обединување на писмените публикации од сите маргинални партии во земјата од 1970 година до денес, партијата нуди политичка програма што ја претставува „политичката визија на обичниот човек“, како што за АФП изјавил уметникот Аскер Брилд Стаунес од колективот „Компјутер Ларс“. Како што објаснил тој, целта на користењето вештачка интелигенција како јадро на оваа „антиполитичка“ партија е „да се искористи оптимално системот на гласање во Данска“.
Во исто време, Синтетичката партија претставува предизвик за стотиците други партии што постојат во Данска, од кои добар дел не се сериозни конвенционални партии.
Во Данска има 230 микро-партии, тука вклучувајќи ја и Синтетичката партија. Ниту една од нив сè уште нема собрано 20 182 потписи, колку што се потребни за учество на општите избори во Данска. А Синтетичката партија досега собрала едвај четири, според официјалните податоци.
Тешко да се предвиди дали оваа политичка формација, најновиот проект на уметничкиот колектив, ќе биде застапена во парламентот. Доколку освои доволно гласови на изборите, партијата има намера да назначи претставник одговорен за поврзување на вештачката интелигенција со политичките дискусии во парламентот.