Неочекувано откритие. Археолозите откопаа град кој датира од пред 3400 години. Античкиот град, кој бил скриен под вода, се појавил кога поради сушата драстично се намалило нивото на водата во акумулацијата во Мосул, во регионот на Курдистан во Ирак.
Античкиот град припаѓал на империјата Митани. Ова кралство од Блискиот Исток се простирало околу североисточниот дел на денешна Сирија. Археолозите претпоставуваат дека градот што се појави од под водите може да биде античкиот град Закику, кој бил важно место во империјата Митани во периодот околу 1550 година п.н.е.
Ѕидовите на античкиот град се во мошне добра состојба. Нивните остатоците на места се извишуваат и по неколку метри
Античкиот град е изненадувачки добро сочуван. Археолозите открија остатоци од палата, утврдување составено од кули и огромна зграда за складирање. Последново го привлече целото внимание, бидејќи е место каде се чувала стоката. Во овој простор археолозите пронашле пет керамички контејнери кои содржеле повеќе од 100 глинени плочки клинесто писмо. Овие таблети сосема извесно биле писма, затоа што некои од нив сè уште биле во нивната глинена обвивка.
Ќуповите во кои беа пронајдени глинените плички испишани со клинесто писмо. Некои од плочките сè уште биле во нивната глинена заштитна обвивка (своевидна коверта)
Наодот бил мошне пријатно изненадување за археолозите. „Речиси е чудо што плочките со клинесто писмо направени од непечена глина преживеале толку многу векови под вода“, – изјавил археологот Петер Фелцнер.
Истражувачите биле изненадени и од состојбата на ѕидовите. Некои сè уште стојат високи неколку метри. Како се спротивставиле на времето и водата, кога се направени само од исушена кал? Градот, всушност, бил уништен од земјотрес околу 1350 година п.н.е. Тогаш, горните делови од ѕидините се срушиле на долните делови. Па така, тие беа закопани и заштитени.
Истражувачите се надеваат дека ќе дознаат повеќе за минатото на градот, но и за падот на империјата Митани, која паднала кога Асирците ја презеле контролата врз регионот.