Тим истражувачи од повеќе институции во САД открија дека содржината на метал во брзите облаци на Фермиевиот меур не е во склад со материјалот во галактичкиот центар на Млечниот Пат, што укажува на тоа дека барем дел од тој материјал потекнува од друго место. Во нивниот труд објавен во списанието Nature Astronomy, тимот ја опишува нивната анализа на составот на облаците и нивните заклучоци.
Претходните истражувања покажаа дека масивни лобуси од плазма се протегаат над и под центарот на галактичката рамнина што ја формира галаксијата Млечен Пат. Претходните истражувања, исто така, укажуваа дека лобусите претставуваат всушност глобуларни гасни формации, од кадешто и потекнува нивниот прекар –Фермиеви меури. Поновите истражувања укажуваат на тоа дека има и формации на гасни облаци во внатрешноста на меурите, кои се наречени „облаци со висока брзина од Фермиевиот меур“ (FB HVCs).
Во новата студија, истражувачите забележуваат дека е направено малку истражување во врска со составот на FB HVCs, но сепак многумина во вселенската научна заедница претпоставуваат дека тие се создадени од материјал исфрлен од ѕвездените дискови во близина на меурите или, пак, од материјал исфрлен од црната дупка во центарот на галаксијата.
При новото истражување, истражувачите внимателно ги разгледале податоците од FB HVCs за да дознаат повеќе за нивната состав. Примарниот фокус на работата на истражувачите бил да се одредат соодносите на металите во облаците – ако соодносите се совпаѓаат со останатиот материјал во нивна близина, тогаш тоа би можело да помогне да се потврдат теориите што предлагаат такво локализирано потекло. Но, ако немаше совпаѓање, тогаш ќе требаше да се предложат нови теории за да се објасни од каде потекнуваат.
При анализата на новите и на архивските податоци од повеќе телескопи, собрани како дел од проучувањето на облаците, истражувачите откриле дека во многу случаи немало совпаѓање, што покажува дека барем дел од материјалот во облаците веројатно потекнува од подалечни места — можеби дури и зад ореолот, облакот од гасови што ја опкружува галаксијата Млечен Пат. Истражувачите укажуваат дека има многу можности, што значи дека мошне веројатно ќе следи и подолготрајно истражување.