Напредокот на вештачката интелигенција е евидентен на кој напредок ниту правните регулативи не можат да му се спротивстават, т.е. се принудени да ги олабават ригидните ограничувања на некои перформанси и норми во примената на вештачката интелигенција во автоматското управување на автомобилите. Така Меѓународниот експертски панел при Економската комисија на Обединетите Нации за Европа допушти да се зголеми максималната брзина за самоуправуваните автомобили од 60 km/h на 130 km/h. Исто така, дозволена е и промена на лентата по “наоѓање“ на автоматскиот возач на автомобилот.
Ова се значајни новини кои се доказ дека автоматското управување на автомобилот со помош на вештачката интелигенција е со високо ниво на безбедност кое имплицира, за некои случаи како промена на лентата на патот, безгрешност што е своевиден триумф на вештачката интелигенција во овој момент затоа што со ова е отворен патот за правно регулирање во овој сегмент на управувањето со автомобилот. Знаејќи дека сите големи и неизвесни и секако, возбудливи патувања почнуваат со првиот мал чекор, слободно можеме да кажеме дека промената на лентата на коловозот е тој чекор во конечниот идеал на човекот кој се состои во проектирање на автомобил кој самиот ќе се управува на патиштата во градските гужви и автопатиштата.
Во меѓународниот експертски панел при Економската комисија на Обединетите Нации за Европа членуваат повеќе од 50 држави ширум светот вклучително и земјите членки на Европската Унија. САД, Кина и некои други земји го регулираат автономното возење според сопствените стандарди, барем засега, бидејќи тоа правно не е одржливо доколку се сака да се стандардизира оваа сфера на светско ниво.