Постои едно, навидум, чудно тврдење што веќе со години кружи по интернетот – на 8 јули, во текот на неколку минути, 99% од светската популација е на “сончевата страна” од Земјата. Дали и како е ова возможно? Најнапред да расчистиме со едно, не се работи за тврдење пласирано од т.н. “рамноземјаши”, ниту пак од некојси култ што верува дека е дојден судниот ден кога Сонцето ќе ја проголта Земјата. Тврдењето е, во основа точно...
Иако (барем логички) можеби изгледа дека сончевата светлина ќе “облее” најмногу луѓе на денот на солстициумот. Но, денес, на 8 јули, а ако сакаме да бидеме прецизни да кажеме дека тоа се случи некаде околу 13 часот и 15 минути по македонско време (11 и 15 по UTC), сепак многу повеќе луѓе од ова “сино камче” што го нарекуваме дом беа под слатките зраци на Сонцето. Ова се случува затоа што единствениот дел од светот што во овие неколку моменти беше надвор од зоната на сончева светлина е едвај населениот Нов Зеланд, разумно населената Индонезија и дел од Австралија којашто во голем дел е ненаселена пустелија.
Но, колку е точно да се каже дека 99% од светот ќе ја види сончевата светлина во исто време? Па, според анализата на timeanddate.com одговорот е, во основа неверојатно, ДА!
Разгледувајќи ги нивните податоци за положбата на Сонцето и вкрстувајќи ги со податоците за распределбата на светското население добиени од информативната мрежа на Центарот за меѓународна гео наука, тие успеале да откријат дека во 11:15 UTC, едвај нешто помалку од 80 милиони луѓе на Земјата биле на ноќната страна. Останатите – околу 7,7 милијарди луѓе – доживеале во одреден степен да бидат осветлени од Сонцето. Притоа распонот на осветленост се движел од апсолутна дневна светлина до самрак.
За волја на вистината, дел од овие луѓе – околу 16%, биле изложени на индиректна сончева светлина, кога иако Сонцето е под хоризонтот, сепак може да се види неговата светлина. Ова значи дека дел од земјаните сè уште ќе бидат осветлени од сончевите зраци, но не доволно за правилно да забележат дека не е ноќе.
Кога Сонцето ќе “падне” под хоризонтот, на околу 12-18 степени, што е познато како астрономски самрак, сè уште сте изложени на малку сончева светлина, но таа е недоволна за да кажете дека е дење. Како што заклучуваат од сајтот Time and date, тоа бил случајот со околу 3% од светската популација.
Ова накратко значи дека тврдењето е точно – 99% од населението на Земјата биле изложени истовремено на сончева светлина денес во 13 часот и 15 минути (11:15 UTC), иако не сите од нив биле спреми да станат од кревет сметајќи дека денот започнал