Рубрика: Енергетика
Калкулатор за пресметка на сметките за електрична енергија
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 05.07.2022 - 17:15

Од овој месец сите потрошувачи ќе плаќаат поскапа струја. Покачувањето ќе ги опфати 98,8 % од домаќинствата во државата, а поскапува и евтината струја. Новина е воведувањето на тарифни блокови/групи со што, според регулаторната комисија, би требало да се избегне ценовниот шок од покачување на струјата од 17% за сите корисници. Но, како и да е, според пресметките на регулаторите, уште ова лето 77,2% од домаќинствата во Македонија ќе добијат сметки што ќе бидат 6,6% поголеми од досегашните. За самите да направите попрецизен есап колку ќе изнесува вашата сметка, а потоа и да преминете кон посериозно планирање на потрошувачката, ви го нудиме овој едноставен калкулатор...

Во светло на најновото поскапување на електричната енергија, корисно е да имаме калкулатор за прелиминарна пресметка на следната сметка за електрична енергија. Со помош на ексел фајлот што може да го преземете од подолу, можеме самите да ги пресметаме потрошените количества и цени во сите 4 групи од високата тарифа, како и од ниската тарифа во даден ден.

Бидејќи праговите на потрошувачката во групите важат за бројот на денови од последната фактура до денешниот ден, не мораме да чекаме да поминат 35 дена, за да видиме дали сме пречекориле во некоја од поскапите групи.

Во табелата не мораме ништо да менуваме во розовите полиња сé до следното поскапување на електричната енергија. Во жолтите полиња ќе менуваме само откако инкасантот ја отчитал состојбата, односно сме ја добиле фактурата за изминатиот период, а во зелените полиња можеме да менуваме секој ден, според состојбата на броилото. Во белите полиња не смееме да менуваме ништо, за да не ги нарушиме формулите. Лесно е, потребо е да се внесат само два датуми и 4 состојби (од фактурата и броилото, висока и ниска тарифа).

Состојбите за висока и ниска тарифа од последната фактура ќе ги препишеме од колоната „Нова состојба“ на фактурата.

Состојбите за висока и ниска тарифа за денешниот ден ќе ги отчитуваме од нашето двотарифно броило. За да ја отчитаме состојбата од високата тарифа ќе почекаме да се појави шифрата 1.8.1, а за ниската тарифа - 1.8.2.

Во нашата табела ќе видиме и колку процентуално сме искористиле од секоја од групите и дали ни се заканува опасност да навлеземе во најскапата група ВТ4. Би требало по секоја цена да избегнуваме да навлеземе во таа група, бидејќи цената на еден киловатчас, со вклучено 5% ДДВ изнесува неверојатни 18,35 денари!! Ова е за 139% поскапо од поранешната цена според високата тарифа.

Со рационално трошење ќе можеме и понатаму да добиваме разумни сметки за електрична енергија. Нека е со среќа!

п.с. Иако праговите на групите РКЕ ги дава на ниво од 30 дена (210, 630, 1050 киловатчасови), тоа не значи дека при отчитување на 35 дена автоматски ќе пречекориме во најскапата група ВТ4, како што коментираа од Демократската партија на Албанците. РКЕ ова го појаснува, односно ако отчитувањето се извршило на подолг период, да речеме 365 дена, праговите ќе бидат пресметани пропорционално, според дневните вредности на праговите (7, 21 и 35 киловатчасови дневно).

Датотеки за преземање:
* најавете се за да можете да ги преземете датотеките
 
Клучни зборови: