Изложба на алтернативни фотографии, ќе биде вовед за новиот фестивал на алтернативна фотографија-Зрно која ќе биде отворена вечерва во 20 часот во продажен салон на Културно информативниот центар – Скопје.
На овој фестивал, освен изложбата ќе се случуваат и работилници за алтернативна фотографија. Локацијата за работилниците е Матка, а учесници на работилниците се околу дваесеттина љубители на благородните фотографски процеси од регионот.
"Зрно изрти од инхерентната потреба да ја негуваме шареноликоста на нашиот омилен медиум и како отпор кон закоравениот поглед кон фотографијата кај нас. Зрно е и фестивал, затоа што сака да ја слави фотографијата, во сите нејзини игриви облици. Зрно е иницијатива на неколку фото ентузијасти, кои сакаат да ја слават алтернативната фотографија, старите процеси во фотографијата и нејзината незаменлива убавина. Зрно сака да ја разигра домашната сцена и да го испровоцира светот. Да го натера да успори, да промисли. Да допре.
Да прифати игра, да се отвори за „грешките". Да се насмее. Да се реобмисли себе. Да дише..." – истакнуваат организаторите.
На оваа изложба, се претставуваат неколку алтернативни автор(к)и. Кети Талевска-Бакревска, со своите лумен – принтови. Викторија Мачковска со автентични цијанотипии. Мартина Павлоска, со нејзините весели полароиди и Сашо Алушевски, со цијанотипии од циклусот Пикторијализам. Опремено од Владо Димоски.