Рубрика: Физика
Наука на секојдневното: Како функционира лупата?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 07.06.2022 - 13:15

Лупата е одличен избор од нештата што треба да се понесат при летните прошетки – може да ја користите за да испитате бубачки, камења, лисја и сè друго што ќе видите и што ќе го привлече вашето внимание. Но, како функционира оваа алатка? Сè се сведува на начинот на којшто се движи светлината...

Светлината патува со различни брзини низ различни супстанции. Минува малку побавно низ стаклото и пластиката отколку низ воздухот. Оваа разлика во брзината не е очигледна за човечкото око, но има еден забележлив ефект – промената на аголот под којшто се движи светлината. Ова се нарекува прекршување и се случува сè додека светлината удира во стаклото под агол различен од 90°.

Се чини чудно што менувањето на брзината на светлината значи и промена на нејзиниот агол на движење. Тоа се случува затоа што, наместо да се движи по права линија, светлината се движи во бранови. Дел од бранот забавува пред остатокот да го стигне. Некои луѓе го споредуваат ова со возење автомобил надвор од патот под агол – ако десното предно тркало се најде на земјена подлога и успори додека левото тркало е сè уште на асфалтот, автомобилот ќе се заниша кон десно.

Светлинските бранови преминуваат од еден во друг медиум – со забавување на брзината на светлината се менува и аголот

Лупата е обично конвексна леќа (леќа испакната нанадвор), направена од стакло или од пластика. Светлината удира во стаклото под агол и се прекршува кон центарот на леќата. При напуштање на стаклото таа се прекршува уште повеќе, што значи дека на одредено растојание овие зраци на светлина се спојуваат заедно во една точка, наречена фокус.

Ако сте држеле чаша полна вода пред некој лист (на пример), светлината од листот се концентрира. Ако го поставите окото на вистинското место пред стаклото, ќе видите поголема слика на листот.

Ова е исто така причината зошто, ако држите лупа над земјата во сончев ден, може да видите како се формира светла точка. Исто како и со светлината што доаѓа од други објекти, лупата може да ја концентрира светлината од Сонцето.

Овие три светлински снопа што минуваат низ конвексна леќа можат визуелно да покажат како леќата ја манипулира светлината, спојувајќи ги во една точка.

Бидејќи сончевата светлина е многу посилна од амбиенталната светлина, ова може да биде мошне опасно – лупата може да ја концентрира сончевата светлина доволно силно за да ги запали некои од работите. Затоа погрижете се никогаш да не манипулирате со лупа во близина на запаливи предмети и не ја оставајте лупата во природа или во двор.

И уште еднаш да ве потсетиме – Нема глупави научни прашање, но одговорите на некои од нив некогаш тешко се наоѓаат wink

Клучни зборови:
Светлинските бранови преминуваат од еден во друг медиум

Светлинските бранови преминуваат од еден во друг медиум – со забавување на брзината на светлината се менува и аголот (илустрација: Ulflund, Wikimedia; CC licence)

Овие три светлински зраци што минуваат низ конвексна леќа можат визуелно да покажат како леќата ја манипулира светлината

Овие три светлински зраци што минуваат низ конвексна леќа можат визуелно да покажат како леќата ја манипулира светлината, спојувајќи ги во една точка. (Фото: User Fir0002, Wikipedia; CC licence)