Во склоп на активностите на моделарската комисија при Воздухопловната федерација на Македонија, оваа година се организираа повеќе натпревари во категории кои претставуваат врв на воздухопловното моделарство. Па така изминатиот викенд се одржа воздухопловна манифестација од натпреварувачки карактер, но и со цел размена на искуства и рекреативно летање со разни категории на РУ модели.
Натпреварувачите имаа прекрасен јунски ден да ги покажат своите вештини како во тек на натпреварите по категории така и во рекреативени летови.
Прецизно слетување и проверка на параметри на висиномер
По два дена исцрпувачка борба за пласман најдобри по категории најдобри беа:
• Во Ф5Ј РУ Електро едрилици, каде натпрварот го организира АК Битола:
1. Гоце Јосифовски Аеро Клуб “Витачево – Кавадарци “,
2. Драган Цветановски Аеро Клуб “Мирко Тодоровски – Битола”,
3. Иван Христов “РЦСК – Скопје”.
Една од најатрактивните категории во РУ и во моделарството воопшто се Ф3А РУ моторните акробатски модели. Моделарите правеа акробации по зададена задача, што значи дека фигурите мора правилно да се изведат со летање во одреден простор. Летовите се изведуваа пред тричлена комисија која поединечно ги оценуваше квалитетот на секоја од фигурите, по што се собираа бодовите а потоа се доби победникот на натпреварот.
Иван Христов во борба за висок пласман во додатен лет
• Во категоријата Ф3А радио управувани акробатски модели, во која организатор беше РЦСК Скопје:
1. Недан Пановски РЦСК “Скопје”,
2. Лазе Данов Аероклуб “Витачево – Кавадарци “,
3. Марко Ѓорѓиев “РЦСК – Скопје”.
Во оваа категорија особено доминираше искусниот Недан Пановски коj по не знам кој пат покажа дека е вистински виртуоз во категоријата на РУ акробатски модели, додека второпласираниот Лазе и третопласираниот Марко покажаа дека имаат иднина во оваа категорија. Марко се наметна како иден кандидат за висок пласман а ја имаше таа чест и да добие лет со врвен модел од категорија Ф5Ј радио управувана моторна едрилица. Наградите и признанијата ги додели претставник на ВФМ Биљана Софија во соработка со организаторите АК “Мирко Тодоровски” Битола и РЦСК Скопје.
Добитници на награди и признанија за успешните настапи по категории
Во натпреварувачкиот дел, судискиот кадар, предводен од главниот судија Пеце Илиевски, крајно коректно ја извршија задачата, така што немаше ниту еден приговор. Сите договори се правеа заеднички што резултираше со една крајно коректна натпреварувачка атмосфера и заврши со вистинска дружба и размена на искуства.
По натпреварот речиси сите натпреварувачи правеа летови по слободен состав, разменуваа модели, ги летаа и на крајот имаше приказ на нова техника и нови РУ модели.
Правејќи резиме натпреварот како да беше генерална проба за организација на меѓународен натпревар, со сите технички помагала, вклучувајки и семафор за одбележување на работното време на натпреварувачите. На него се дружеа воздухопловни моделари од повеќе генерации, а мене лично особено израдува средбата со доајенот на воздухопловното моделарство д-р Миле Михајлов со кого некогаш бевме лути противници на теренот но и клубски другари.
Морам да додадам дека натпреварот помина во беспрекорна организација за што помогна и инфраструктурата на АК “Мирко Тодоровски – Битола”, а веќе се закажа и следен натпревар во категоријата РУ модели во организација на АК Скопје, но во Битола.