Ingenuity слета на Марс во февруари 2021 година како засебен дел на роверот Perseverance, којшто служи и како точка за комуникација помеѓу мисијата на Земјата и хеликоптерот. Постигнувањето на погонуван лет на друг свет е еден од најголемите подвизи во областа на астронаутиката во последната деценија. Од својот прв краток скок направен на 19 април минатата година, па до денес, хеликоптерот Ingenuity изврши 27 лета, изминувајќи речиси 7 километри над површината на црвената планета, вршејќи ја својата мисија на извидник пред роверот Perseverance на НАСА. Малечкото летало ги надмина и најоптимистичките прогнози на научниците и инженерите што го создадоа. Но, неодамна, малиот автоматизиран хеликоптер имаше проблеми со акумулацијата на прашина врз неговите соларни панели. Оваа прашина ја намалува способноста на возилото да ги наполни своите шест литиум-јонски батерии. Како дополнителен пех, северната хемисфера на Марс е на прагот од зимата што треба да настапи за нешто повеќе од два месеци.
Поради проблемите со батеријата, контролорите на летот на хеликоптерот во Лабораторијата за млазен погон на НАСА изгубија контакт со хеликоптерот на 3 мај. Тие внимателно ја следеа состојбата на малото вселенско летало, особено процесот на полнење на неговите батерии. Откако бил изгубен контакт, инженерите сфатиле дека неговиот компјутер за летање влегол во режим на исклучување поради недостаток на енергија. Ова значи дека практично целата електроника на хеликоптерот, вклучително и внатрешниот часовник, се исклучила заради заштита од студените ноќни температури, кои достигнуваат и повеќе од – 100°C.
Со оваа работна хипотеза, инженерите презедоа вонреден чекор за да го спасат хеликоптерот. По исклучувањето на хеликоптерот на почетокот од месецов, инженерите сметаа дека батериите на Ingenuity ќе почнат да се полнат по изгрејсонце, по што уредот ќе се обиде да комуницира со блискиот ровер. Поради тоа што неговиот внатрешен часовник се ресетирал, се сметаше дека постои можност кога Ingenuity ќе се обиде комуницира со роверот, тој и да не го слушне.
Токму затоа инженерскиот тим му нареди на Perseverance да ги прекине сите тековни научни активности и внимателно да ослушнува очекувајќи го повикот од Ingenuity.
Оваа одлука е мошне интересна, со оглед на тоа што хеликоптерот првично се сметаше за дополнителна технолошка демонстрација, можност да се покаже дека лет во тенката атмосфера на Марс е сепак можен. Хеликоптерот требаше да изврши пет експериментални лета во текот на 30 дена, а потоа да биде изоставен од понатамошни активност. Сега, речиси 13 месеци по првиот лет на Ingenuity, целата мисија на Марс беше ставена во мирување со надеж дека малото возило ќе успее да се спаси. И по околу 24 часа – Ingenuity се јави дома!
Според НАСА, врската била стабилна, а сончевите панели успеале да ги наполнат батериите до 41%. Инженерите велат дека се надеваат дека во следните неколку дена Ingenuity ќе ја продолжи својата мисија, откако батериите на хеликоптерот целосно ќе бидат наполнети.
За жал, ова може да биде почеток на крајот за малиот хеликоптер. Инженерите на НАСА мораа да преземат некои прилично драстични чекори за да го зачуваат полнењето на батеријата на Ingenuity. На пример, тие сега наредиле грејачите на хеликоптерот да се палат само кога температурата на батеријата ќе падне под -40°C, што е многу постудено од претходната точка од -15°C. Не е познато колку од нестандардните компоненти на леталото ќе преживеат без ова дополнително загревање за време на студените марсовски ноќи. А во следните 10 недели ноќите на Марс ќе стануваат сè постудени и потемни, како што зимата ќе се продлабочува.