Диуретиците и RSA инхибиторите најчесто се препишуваат во пар за лицата што патат од висок крвен притисок (хипертензија) и достапни се под различни фармацевтски брендови. Популарните брендови на лекови против болки, каков што е и ибупрофенот, пак се достапни без рецепт во повеќето аптеки и продавници. Според едно ново истражување, сите оние кои земаат диуретик и системски ренин-ангиотензински инхибитор (RSA) за третирање на висок крвен притисок треба да внимаваат при посегањето по ибупрофен.
Компјутерски симулираните испитувања на лекови нудат можност за брзо добивање на резултати од изпитувања, нешто што при процесот на клинички испитувања со луѓе може да одземе многу време. Научниците ги искористиле достапните алатки од математиката и компјутерската наука за да им укажат на лекарите на некои од можните компликациите што би се јавиле при користењето на лекови.
Истражувачите од Универзитетот во Ватерло користеле компјутерски симулирани испитувања на лекови за да ги моделираат интеракциите на трите лекови и нивното влијание врз бубрезите. Тие откриле дека кај некои луѓе со одредени медицински состојби, комбинацијата од лекови може да предизвика акутна повреда на бубрезите, што во некои случаи може да премине во трајно оштетување.
Ова не значи дека секој оној што ќе ја земе оваа комбинација од лекови ќе има проблеми, но како што упатуваат авторите, истражувањето сепак предупредува дека е можно да се појави проблем па пациентите кои се принудени да земат една ваква комбинација на лекови треба повеќе да внимаваат. Но, дополнителната претпазливост се чини неопходна, како што објаснува Анита Лејтон, една од коавторите на трудот: “Диуретиците се фамилија на лекови што го наведуваат телото да држи помалку вода. Дехидрираноста е главен фактор за акутна бубрежна повреда, а на ова се надоврзува дејството на РАС инхибиторот и на ибупрофенот што го погодуваат бубрегот нанесувајќи троен удар.”
Споменатото истражување, што деновиве беше објавено во Mathematical Biosciences директно ги предупредува и големиот број луѓе кои земаат лекови за хипертензија и кои може да посегнат по лекови против болки кои содржат ибупрофен, без многу да размислуваат за тоа.