Рубрика: Информатика
Илон Маск го презема Твитер
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 25.04.2022 - 23:00

Најнапред Енгаџет ја пренесе веста од ​​Wall Street Journal дека во Твитер веројатно сериозно ја разгледуваат идејата за продажба на Илон Маск. Според нивниот извор одлуката за преиспитување на понудата од Маск била донесена откако тој објавил дека обезбедил доволно финансиска поддршка за финализирање на договорот. Додека го пишуваме ова пристигна и веста дека договорот е постигнат и дека Маск е нов сопственик на Твитер.

Кога пред десетина дена Маск за првпат објави дека е подготвен да плати 43 милијарди долари за купување на гигантот Твитер, при тоа нагласувајќи дека тоа е неговата “најдобра и последна понуда“, се очекуваше Твитер да го одбие предлогот. По оваа изјава компанијата дури презела и одредени мерки за спречување на непријателски обид за преземање, усвојувајќи ја и таканаречената стратегија на „отровно апче“, којашто на постоечките акционери им овозможува да докупат поголем пакет нови акции со што условно би се намалила вредноста и уделот на компанијата што сака да го преземе Твитер. Но, се чини работите се промениле во текот на изминатата недела па во Твитер сериозно ја разгледаа понудата на Маск. Енгаџет и WSJ известија дека обете страни се состанале денес  за да разговараат за предлогот, но неколку пречки би можече да ги усложнат преговорите. На пример, директорите од Твитер би можеле да инсистираат Маск да се согласи на монетарна заштита доколку договорот пропадне.

Како што дознаваме од NBC News преговорите сепак завршиле успешно за Маск којшто го купи Твитер за 44 милијарди долари. Договорот ја става веројатно највлијателната социјалн платформа под контрола на еден од најбогатите луѓе во светот. Маск, којшто е редовен и ревносен корисник на Твитер, постојано ги критикуваше напорите за умерен говор на услугата. Како што тој изјави “Слободниот говор е основата на функционалната демократија, а Твитер  претставува дигиталeн градски плоштад каде се дебатира за прашања од витално значење за иднината на човештвото“. Во врска со неговите планови за Твитер тој додаде дека: “Исто така, сакам да го направам Твитер подобар од кога било со подобрување на производот со нови функции, правејќи ги алгоритмите со отворен код со цел да се зголеми довербата, да се сузбијат спам-ботовите и да се направи поефикасна проверка за човечка автентификација. Твитер има огромен потенцијал – со нетрпение очекувам да работам со компанијата и заедницата на корисници за да го отклучам“.

Договорот става крај на сагата што започна на почетокот од овој месец  кога за првпат беше откриено дека Маск купил 9,2 отсто од акциите на Твитер, што го прави еден од најголемите акционери на компанијата. Акционерите на Твитер ќе добијат 54,20 американски долари за секоја од обичните акции на Твитер, откако ќе се затвори трансакцијата. Тоа е премија од 38 проценти во однос на затворањето на цената на акциите на Твитер од 1 април – последниот ден кога тие биле тргувани пред Маск да го открие својот удел од околу 9 проценти во Твитер.

Клучни зборови: