Рубрика: Астрономија и астронаутика
Порамнување на планетите на ноќното небо
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 18.04.2022 - 16:00

Во небеската парада ќе учествуваат планетите Венера, Марс, Сатурн, но и Јупитер

Битна информација за сите ноќни птици. Оваа недела ноќното небо приредува една мошне ретка глетка во која ќе може да уживате сите вие што имате остар вид (или во најмала рака двоглед) и чисто небо. Имено, почнувајќи од денес во текот на наредните неколку недели на ноќното небо ќе може да ги набљудувате четири од петте планети видливи со голо око – Јупитер, Венера, Марс и Сатурн – подредени на источното небо, некаде пред зори.

Како што споменавме, планетите ќе бидат видливи околу еден час пред зори, без помош на двоглед или телескоп, при што Сатурн ќе биде прв ќе се издигне од хоризонтот. По него ќе следи Марс, па ѕвездата Деница – Венера, а на крајот ќе се  издигне кралот на планетите – Јупитер. Технички, Нептун е исто така во линијата, но освен ако немате многу добар телескоп, нема да бидете во можност да го видите овој синкав леден свет.

Како изгледа небото пред зори со планетите во конјункција

Порамнувањето ќе биде видливо неколку недели, па не грижете се ако поради времеските услови вечерва го пропуштите моментот за набљудување. Најдобар датум за набљудување сепак ќе биде 1 мај, кога  Јупитер и Венера ќе бидат во конјукција, што значи дека на ноќното небо ќе изгледаат оддалечени еден од друг за само на дел од степенот. Всушност, тие ќе бидат толку блиску што за да ги разликувате како посебни небесни тела, ќе ви биде потребен најмалку двоглед. Имено, обете планети се најсветлите објекти што ја рефлектираат светлината на Сонцето на ноќното небо, така што нивната заедничка “слика” ќе биде навистина светла. Ако ја пропуштите оваа спојка сега, ќе треба да почекате околу три години и три месеци за следното утринско спојување кое се очекува да се случи на 12 август 2025 година.

Свое учество во небеското шоу ќе има и Месечината...

...и ќе продолжи да зема учество и во мај

Некој можеби ќе праша каде е Меркур? Меркур ќе стане видлив и ќе биде во интересна положба на 1 мај, веднаш по зајдисонце. Именот, планетата ќе може да се забележи како го следи Сонцето надвор од хоризонтот, веднаш до Плејадите, веројатно најпознатото ѕвездено јато на планетава. Ако на 1 мај времето баш и не ви се погоди, не грижете се, глетката ќе се повтори и на 2 и на 3 мај. На 2 мај ќе може и да ја искористите положбата на Месечината како лесен маркер за да го најдете Меркур, со оглед на тоа штп овие две тела ќе бидат мошне блиску на небото.

Позицијата на Меркур, Месечината и Плејадите на ноќното небо на 2-ри мај

И не заборавајте, оваа недела (на 22 април) на ноќното небо ќе може да се набљудува и пикот од метеорскиот дожд Лириди, којшто ќе биде видлив сè до 29 април.

Клучни зборови:
Во небеската парада ќе учествуваат планетите Венера, Марс, Сатурн, но и Јупитер

Во небеската парада ќе учествуваат планетите Венера, Марс, Сатурн, Јупитер, кои се видливи со голо око, но и Нептун. Целото шоу ќе биде осветлено со метеорски 'огномет' од Лиридите, а во свое учество ќе земе и Месечината

Како изгледа небото пред зори со планетите во конјункција

Како изгледа небото пред зори со планетите во конјункција

Позицијата на Меркур, Месечината и Плејадите на ноќното небо на 2-ри мај

Позицијата на Меркур, Месечината и Плејадите на ноќното небо на 2-ри мај

Целото шоу ќе продолжи и ќе биде видливо и во мајските ноќи

Целото шоу ќе продолжи и ќе биде видливо и во мајските ноќи