Рубрика: Телекомуникации
Меѓународен ден на радиоаматерите од целиот свет
Автор: Миле Кокотов
Објавено на 18.04.2022 - 08:45

Денес, 18 април, го одбележуваме Меѓународниот ден на радиоаматерите од целиот свет. На денешен ден во 1925 година, во Париз, се формирала Интернационалната унија на радиоаматерите (IARU – International Amateur Radio Union).

Радиоаматерите се љубители на радиотехниката, електрониката и телекомуникациите, а со своето експериментирање, користејќи радиоуреди од сопствена изработка, биле првите кои откриле дека преку радиобрановите од краткобрановото подрачје може да се комуницира со целиот свет. Подоцна, комерцијалната употреба на кратките бранови ги ограничиле радиоаматерските комуникации само на неколку краткобранови фреквенциски опсези, кои и денес постојат и се употребуваат од радиоаматерите на целата Земјина топка. Бројот на лиценцирани радиоаматери е поголем од три милиони во светот.

Кај нас зборот аматер, за жал, има несоодветно, помалку потценувачко значење и се употребува за некој кој е помалку вешт од професионалец. Всушност, терминот аматер значи љубител, а радиоаматерите се љубители на радиотехниката, електрониката и телекомуникациите. Меѓу радиоаматерите има врвни познавачи на радиотехниката и вистински професионалци за електроника и телекомуникации. Од ученици и студенти до инженери, магистри и доктори на науки, а има и радиоаматери – претседатели на држави, познати филмски ѕвезди, пејачи и други.

Радиоаматерскиот сојуз на Македонија е наш национален претставник на радиоаматерите во Меѓународната радиоаматерска унија (IARU).

Во 2020, поради вонредните пандемиски услови, многу земји воведоа социјално дистанцирање како една од мерките за сузбивање на ширењето на ковид со седење дома. Во тој контекст, Радиоаматерскиот сојуз побара од Агенцијата за електронски комуникации специјален повикувачки знак Z30STAYHOME, кој го користи при комуникацијата со останатите радиоаматери од светот. На таков начин, со симболично значење, радиоаматерите од Македонија дадоа свој скромен придонес во намалување на последиците од пандемијата.

Клучни зборови: