Рубрика: Медицина
Производите за нега на кожа со козјо млеко, шеќер, путер... под лупа
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.04.2022 - 12:45

Дали производите за нега на кожа што содржат храна може да бидат опасни за пациентите со воспалителни заболувања на кожата? Едно ново истражување, чиишто резултати се објавени неодамна во научното списание Clinical & Experimental Allergy, укажува на тоа дека лицата кои патат од воспалителни проблеми на кожата треба да избегнуваат да користат производи за нега на кожата кои содржат прехранбени производи, како што е, на пример, козјото млеко.

Споменатиот труд известува за седум пациенти со воспалителни заболувања на кожата кои доживеале анафилакса – сериозна алергиска реакција – по внесување на козјо или овчо млеко или производи од сирење. Сите пациенти имале историја на употреба на производи за нега кои содржеле козјо млеко за третирање на нивните воспалителни состојби на кожата, пред почетокот на нивната алергиска реакција.

Како што укажуваат авторите на трудот продажбата на производи за нега на кожата добиени од козјо млеко е мошне обемна и е насочена кон пациентите со „чувствителна кожа“ кои вообичаено имаат основни воспалителни состојби на кожата. Според нив, добиените наоди од истражувањето обезбедуваат нови докази за потеклото на алергијата на млеко кај возрасните и се надоврзуваат на сè поголемиот број докази дека употребата на прехранбени производи како терапија за воспалителни состојби на кожата може да доведе до развој на нови алергии на храна.

Клучни зборови: