Месец март помина во знакот на забавување на намалувањето на дневните бројки на новодијагностицирани. Во средината на месецот имавме дури мало, краткотрајно зголемување на бројките, судејќи според седумдневната подвижна средина на дневниот број на нови случаи (зелената линија на првиот дијаграм).
Најверојатно тоа се должи на преземањето целосна доминација на потсојот BA2 „стелт“ на омикрон сојот. Кон крајот на месецот, одново забележавме намалување на дневните бројки (во просек), иако далеку од темпото коешто би се очекувало во оваа фаза на бранот и епидемијата.
Забавувањето на згаснувањето на епидемијата го следиме и преку стапката на позитивни тестови (црвената линија на вториот дијаграм), којашто во март одвај може да се каже дека се намалува.
Моментално бројките се во слаб надолен тренд и, проценувајќи само врз основа на разните индикатори на трендот, не би требало да се очекува промена во растечки тренд. Меѓутоа, анализирајќи ги трендовите во некои европски земји, како и во некои градови во нашата земја, постојат извесни шанси (по слободна проценка околу 30% – 40%) дека е можно да дојде до извесно разгорување на епидемијата, иако не многу силно.
Имено, во Битола и во уште неколку други градови од југозападна Македонија (Охрид, Струга, Ресен, Прилеп, Крушево) последниве денови забележуваме раст на бројките. На третиот дијаграм добро се гледа дека 14-дневната инциденца на нови случаи во Битола полека но сигурно се зголемува, иако на државно ниво истата одвај забележливо се намалува.
Најверојатно се работи за постепено попуштање на имунитетот од прележување и вакцинирање, освен кај лицата со суперимунитет (двојно прележани, прележани и вакцинирани, како и тројно вакцинирани). Ни претстојат големи празници со масовни собирања (Велигден, на крајот од април и Рамазан бајрам, на почетокот од мај), како и разни олеснувања на мерките, поради што не може сосема да се исклучи нов мини-врв на бројките, иако не многу голем.
Сепак, благодарение на високиот процент на прележаност (околу 80% од населението), дневните бројки на смртни случаи во иднина се очекува да бидат многу помали, во споредба со претходните бранови.
Севкупната слика изгледа како да се поставува сцената за нов раст на бројките. Имунитет од прележување од сите соеви пред омикрон сојот забрзано се губи, со многу поголемо темпо од стекнувањето нов имунитет од прележување на BA2 „стелт“ сојот. Единствено затоплувањето на времето од средината на неделата може да превагне во позитивна насока, но тоа треба допрва да го утврдиме.
Во ваква ситуација, најдобра стратегија би била повторно враќање на превентивните мерки, пред сé маските и избегнување на групирањето, барем до доаѓањето на потоплото време, односно барем уште две недели.