Рубрика: Медицина
Осветлувајќи го патот кон поздрави дневни ритми
Објавено на 18.03.2022 - 14:45

Светлината што ја искусуваме во секојдневниот живот има големо влијание врз ритамот на нашето тело. Современиот начин на живот, со 24-часовен пристап до електрична светлина и намалена изложеност на природна дневна светлина, може да го наруши спиењето и негативно да влијае врз здравјето, благосостојбата и продуктивноста. Новиот труд објавен неделава во научното списанието со отворен пристап PLOS Biology, го става во фокус прашањето: колку точно треба да биде силно осветлувањето во текот на денот и колку навечер, за тоа да го поддржува здравиот телесен ритам, мирниот сон и дневната будност?

Професорите Тимоти Браун од Универзитетот во Манчестер, ОК и Кенет Рајт од Универзитетот во Болдер Колорадо, САД, создадоа меѓународно тело од водечки научни експерти за да ги договорат првите препораки засновани на докази, консезуални препораки за здрава дневна, вечерна и ноќна изложеност на светлина. Овие препораки ги обезбедуваат неопходните насоки кои ќе помогнат во тоа индустријата за осветлување и за електроника да дизајнираат поздрави средини, како и да се подобри начинот на којшто ги осветлуваме нашите работни места, јавните простории и домовите.

Клучно прашање на новиот извештај беше како правилно да се измери степенот до кој различните видови осветлување може да влијаат врз ритамот на нашето тело и врз дневните модели на спиење и будност. Светлината влијае на овие обрасци преку специјализираниот тип на клетка во окото којашто користи протеин осетлив на светлина, меланопсин, кој се разликува од протеините присутни во очните стапчиња и чепчиња кои го обозможуваат видот, а врз кои се засноваат традиционалните начини за мерење на „осветленоста“ .

Бидејќи меланопсинот е најчувствителен на светлина во одреден дел од визуелниот спектар (сина до светлосина светлина), новите препораки користеа новоразвиен стандард за мерење на светлината прилагоден на ова уникатно својство, меланопичен еквивалент за осветлување со дневната светлина. Анализата на податоците направени со низа лабораториски и теренски студии докажа дека овој нов мерен пристап може да обезбеди сигурен начин за предвидување на влијанието на светлината врз човечката физиологија и телесните ритми и дека како таква може да биде основа за широко применливи и значајни препораки.

Важен следен чекор ќе биде интегрирањето на препораките во формалните упатства за осветлување, кои моментално се фокусираат на визуелните барања наместо на ефектите врз здравјето и благосостојбата. Дополнително, зголемената софистицираност во технологијата на LED осветлување и достапноста на евтините светлосни сензори се очекува да овозможат поединците полесно да ја оптимизираат својата лична изложеност на светлина за таа најдобро да одговара на нивните сопствени телесни ритми во согласност со новите препораки.

Клучни зборови: