Рубрика: Информатика
Сè што Apple најави за оваа година
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.03.2022 - 16:45

iPhone SE, Mac Studio, M1 Ultra, Apple Studio Display... и што уште не

На Peek Performance, како што беше наречен првиот Apple настан во 2022 година беа презентирани изненадувачки многу нови работи. Претставувањето на третата генерација на iPhone SE беше  очекувано, но покрај ова беше претставен и целосно нов десктоп Mac со нов M1 Ultra процесор и Mac Studio дисплеј со вградена камера, звучници и USB порти. Во продолжение прочитајте накратко што сè Apple најави на пролетниот настан.

 

Apple TV+филмови и Бејзбол во петок навечер

Apple го започна настанот со истакнување на критичниот успех што го имаше со Apple TV+, особено со неговите оригинални хит-филмови Koda (CODA) и Трагедијата на Макбет (The Tragedy of MacBeth). Потоа беше дадна најава за некои од новите филмови како “Сенишна заседа” (Spirited) и Среќко (Lucky). (Целосен список и информации за сите претстојни емисии, серии и филмови на Apple TV+ може да најдете тука.)
Но, голема најава беше направена за Бејзбол во петок навечер (Friday Night Baseball). Во партнерство со MLB, претплатниците на Apple TV+ (ограничено време содржините ќе бидат достапни и за оние кои тоа не се) ќе можат да гледаат меч како и шоу во живо, пред и после играта. Бејзболот во петок навечер е бесплатен како дел од Apple TV+ во осум земји, а обожавателите во САД исто така ќе го добијат и MLB Big Inning, шоу во живо со моменти и прегледи секоја вечер. САД и Канада ќе добијат нов 24/7 пренос во живо посветен на MLB репризи, вести, класични игри и повеќе. Сите овие работи поврзани со бејзболот ќе започнат веднаш штом ќе започне новата сезона на Мејџор лигата во бејзбол (МЛБ).

 

Зелен iPhone 13

Минатата година Apple ни подари виолетов iPhone 12. Оваа година ќе бидат понудени два нови зелени модели на iPhone 13. Обичните iPhone 13 и iPhone 13 mini сега се достапни во зелена боја, додека iPhone 13 Pro и Pro Max се достапни во нов финиш Alpine Green. Моделите ќе може да се преднарачаат уште од 12 март, а во продавниците ќе бидат достапни од 18 март.

iPhone SE

Следната најава од Apple беше најочекувана – третата генерација на iPhone SE. Моделот изгледа исто како да е од втората генерација, со тело и дисплеј на iPhone 8, но во не го е смесетен најновиот и најдобар A15 процесор. Ова значи подобри перформанси и подолго траење на батеријата, дополнителна 5G можност – но само за sub-6 GHz мрежи, не и за mmWave мрежите.
iPhone SE ги има истите камери како претходниот модел, но подобрената обработката на слики којашто ја носи A15 процесорот значи и подобар квалитет на фотографиите и видеата, иако ноќниот  режим сè уште отсуствува од понудата. Уредот ќе се продава по цена од 429 американски долари, преднарачки се примаат од 12 март, а во продавниците ќе стане достапен на 18 март.

5-та генерација на iPad Air со M1 процесор

Новото ажурирање на iPad Air исто така беше очекувано. Наместо премине од A14 на A15, Apple го  користи истиот M1 процесор што ќе го најдете и во iPad Pro. Надградба добива предната камера којашто сега добива ултра-широк агол од 12 MP, со поддршка за Center Stage.
Цената е сè уште 599 американски долари, но моделот опремен со слот за мобилна телефонија, кој добива и 5Г поддршка сега чини нешто повеќе. Како и со повеќето производи што Apple ги најави, преднарачките започнуваат на 12 март, а моделот е целосно достапен на 18 март.

 

М1 Ултра

M1, M1 Pro, M1 Max… и сега – M1 Ultra. Apple има четврта варијанта на својот M1 Apple Silicon, и во суштина, тоа се два M1 Max чипови во едно пакување, поврзани со прилагодена интерконекција со голема брзина. Се чини дека оперативниот систем е поддржан со единствен чипсет со 20 јадрен CPU, 64 јадрен графички процесор и до 128 GB меморија. За сè друго има удвојување – M1 Max, двојно повеќе Neural Engine за ML задачи, двојно зголемување на видео енџинот, двојно зголемување на пропусниот опсег на меморијата. Се работи за “чудовиште” од чип и за импресивен технички подвиг.
Од Apple велат дека обезбедува до 90 проценти подобри перформанси од најмоќниот конкурентен десктоп 16 јадрен процесор (Core i9-129000K со DDR5 меморија) кога работи со иста моќност (околу 60 вати), а додека користи 100 вати помалку енергија неговите перформанси се рамо до рамо со врвните перформанси на споменатиот чип. Графичкиот процесор, според Apple, е со приближно иста брзина како и GeForce GTX 3090, а истовремено има за околу 200 вати помала потрошувачка на енергија.

Mac Studio

Споменатото “чудовиште” од чип ќе дебитира во сосема нов производ – Mac Studio. Замислете го како два или три Mac mini врзани во еден уред, со многу Thunderbolt порти, па дури и слот за SD-картичка. Уредот е со квадратна основа од 7,7 инчи и висина од 3,7 инчи. Достапен е со M1 Max, 32 GB RAM и 512 GB SSD, а почетна цена ќе биде 1999 американски долари и тоа е за верзијата со 24 јадрен графички процесор. Ако сакате да го добиете целосниот 32 јадрен графички процесор тоа ќе ве чини нешто повеќе, а покрај ова може да добиете и 64 GB RAM и SSD до 8 ТБ. Или ќе може да го добиете со новиот M1 Ultra, 64 GB RAM и 1 TB SSD за 3999 американски долари. Верзијата со 48-јадрен графички процесор че ве чини дополнителни 1000 американски долари, а на ќе може да го дополните со 128 GB RAM и простор за складирање до 8 ТБ.
Mac Studio, целосно опремен со M1 Ultra, 128GB RAM и 8GB SSD, ќе се продава за 7999 американски долади, цена што одговара на една од најслабите конфигурации за Mac Pro. Но, ова нека не ве лаже, затоа што уредот е многу помоќен.

Apple Studio дисплеј

И за крај, тука е Apple Studio Display, првиот нов дисплеј на Apple по повеќе од една деценија. Самиот екран е речиси идентичен со оној на 27-инчниот iMac, но со многу потенки рамки – ја има истата резолуција од 5k, P3 Wide Color, и True Tone, но без HDR или 120Hz ProMotion.
Ова баш не ја оправдува многу почетната цена од 1599 американски долари, но Studio Display е повеќе од обичен монитор. Опремен е со A13 процесор за управување со ултраширокоаголната веб-камера од 12 мегапиксели со Center Stage поддршка, низа од три микрофони и аудио систем со шест звучници со просторно аудио. Има и четири USB-C порти (10Gb/сек) и Thunderbolt 3 порт (48Gb/sec) што може да обезбеди до 96 вати за полнење на вашиот MacBook.

 

Од понудата ќе биде отстранет 27-инчниот iMac. Имено јасно е дека во компанијата имаат намера да ги насочат оние кои сакаат побогато десктоп искуство од 24-инчниот iMac да го набават Apple Studio дисплејот којшто ќе се надополни прекрасно со нивните Mac mini, Mac Studio или MacBook уреди.

Клучни зборови: