Рубрика: Роботика
РобоКрил – робот за истражување на морето
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.03.2022 - 13:30

За подобро да ги разберат морињата и океаните на Земјата, нивните процеси и живите организми што ги населуваат, научниците мора да бидат способни да истражуваат и да собираат податоци под вода. За да го овозможат ова последниве години роботичарите се обидуваат да развијат сè понапредни системи кои би помогнатле во истражувањето и во следењето на подводните средини...

Истражувачите од Универзитетот Браун и Националниот автономен универзитет на Мексико неодамна го создадоа РобоКрил (RoboKrill), робот инспириран од изгледот на малите морски ракчиња наречени крил (Euphausia superba). Роботот ја реплицира кинематиката на пливање на крилот што му овозможува беспрекорно движење под водата.

Моника М. Вилхелмус, една од истражувачите вклучени во проектот Робокрил претходно правела опити за контролирање на однесувањето на организмите со светлосни сигнали. Потоа таа добила идеја дека наместо да се обидува надворешно да го контролира однесувањето на организмите дека е можеби попродуктивно да користи роботски систем со ист динамичен  потпис како пливачките живи суштества. Првично, таа планирала само накратко да ја истражи можноста за развој на роботски систем кој ја реплицира пливачката кинематика на крил, но набргу сфатила дека нејзиниот проект има голем потенцијал, бидејќи може да ја пополни моментално постоечката празнина во научната литература која го третира подводното истражување – систем кој не е ни премногу бавен ниту пак брз, што ќе овозможи извршување задачи кои се тешко решливи со употреба на големи системи.

Кога го развиле дизајнот на нивниот робот, Вилхелмус и нејзините колеги независно тестирале различни параметри во нивната лабораторија. Последователно, тие ги оптимизирале параметрите за да ја постигнат саканата брзина и кинематика.

Во иднина, РобоКрил би можеле да го користат биолозите и еколозите за далечинско истражување на морските средини и собирање на вредни податоци од под вода. Во меѓувреме, тимот планира да продолжи да го подобрува роботот, а истовремено да ги оценува неговите перформанси во реални услови.

Вилхелмус и нејзините колеги се надеваат дека ќе развијат и рој вештачки пливачи што ќе може да се употреби во реални океански услови и којшто ќе овозможи да се соберат специфични податоци. При употреба во реални услови тимот ќе може и дополнително да ги тестира различните параметри и да го подобри дизајнот, намалувајќи ја големината на уредот во сантиметарски размер и дополнително да ги подобри неговите пливачки способности.

Клучни зборови: