Рубрика: Медицина
Како омикрон го надмина делта сојот во три ставки
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 07.03.2022 - 14:45

Анализата открива колку омикрон сојот побрзо се шири и го избегнува имунолошкиот систем, наспроти претходната варијанта.

Луѓето заразени со омикрон сојот од коронавирусот SARS-CoV-2 имаат речиси 50% поголема веројатност да ги заразат оние со кои живеат отколку поединците заразени со делта сојот, покажува детална анализа од Англија.

Откако запрвпат беше откриен во Јужна Африка кон крајот на 2021 година, омикрон сојот предизвика бран од инфекции и смртни случаи во земјите ширум светот, вклучително и во места како Хонг Конг, кои досега беа во голема мера поштедени од пандемијата. Оттогаш досега податоци за способноста на омикрон да ги избегне вакцините продолжуваат да се трупаат. Ригорозната анализа, објавена минатиот месец како предпринт на 17 февруари, ја разгледува брзината со којашто овој сој се шири, дури и меѓу вакцинираните, споредено со претходната варијанта. Студијата сè уште чека рецензија.

Во Англија, омикрон сојот за првпат беше детектиран кон средината на ноември 2021 година и бргу го надмина делта сојот станувајќи доминантна варијанта. Неговото брзо ширење веројатно е поттикнато од способноста да го “заобиколи” имунитетот генериран од вакцините, вели Марм Килпатрик, инфектолог од Универзитетот на Калифорнија во Санта Круз. Според него неизбежно е понатамошното создавање и на други вакви имуно-евазивни соеви.

Истражувачите од Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство анализирале податоци од 51 281 луѓе кои биле позитивни на омикрон или делта соевите во периодот помеѓу 5 и 11 декември 2021 година, како и податоците за нивните 151 592 блиски контакти.

Научниците откриле дека додека луѓето заразени со делта сојот ја шират инфекцијата на приближно 11% од членовите на нивното домаќинство, додека оние кои биле заразени со омикрон ја пренеле заразата на речиси 16% (види “Споредување на варијанти“). Ова значи дека постои 48% зголемен ризик од пренесување на вирусот при зараза со омикрон наспроти делта.

Разликата е уште повпечатлива надвор од домот – луѓето заразени со делта сојот ја шират инфекцијата на приближно 4% од луѓето со кои биле во контакт надвор од нивниот дом, додека оние со омикрон ја пренеле на 8% од луѓето, што значи дека ризикот се зголемил повеќе од двојно. Според Килпатрик, зголемената преносливост на омикрон е поочигледна надвор од домаќинството, бидејќи дури и со помалку можности за повторена и продолжена изложеност на вирусот, ризикот од префаќање е двојно поголем во споредба со делта сојот.

 

Имунолошка евазија

Истражувачите, исто така, процениле како вакцинацијата влијаела на шансите на луѓето да се заразат со двете варијанти и откриле дека невакцинираните членови од домаќинството имале 23% поголеми шанси да се заразат со омикрон отколку со делта.

Но, овој јаз се зголемил кај луѓето кои биле вакцинирани, потенцирајќи ја предноста што омикрон сојот ја има во заобиколувањето на имунитетот стекнат со вакцина. Членовите на домаќинството кои примиле три дози на вакцина против ковид имале над двапати поголеми шанси да се заразат со омикрон отколку со делта (график “Вакцинален ефект “).

Истовремено, ако некој бил вакциниран со три дози, шансите за тој да го пренесе омикрон сојот на друг член на домаќинството се исто така двојно поголеми отколку кај делта сојот (график “Блокирање на преносот“).

 

Три е подобро од два

Податоците исто така покажуваат дека третата вакцинална доза имала маргинален корисен ефект врз пренесувањето на обете варијанти споредено со примени со само две дози, иако овој ефект повеќе се однесува на делта сојот отколку на омикрон. По третата доза, членовите на домаќинството имале околу 32% помали шанси да се заразат со делта и 12% помали шанси да се заразат со омикрон отколку ако примиле само две дози. Луѓето кои примиле бустер доза имале 38% помали шанси да ја рашират инфекцијата со делта сојот меѓу членовите од нивното домаќинство и 22% помала веројатност да пренесат инфекција со омикрон отколку оние кои примиле само две вакциналкни дози.

Иако студијата укажува на тоа дека постојните вакцини против SARS-CoV-2 нудат ограничена заштита од инфекција со омикрон сојот, други истражувања покажаа дека тие се ефикасни во спречувањето на тешките форми на болеста предизвикана од обата соја, смета Лео Пун, виролог од Универзитетот во Хонг Конг. Но, тој посочува дека истражувањето било спроведено во време кога циркулирал подсојот BA.1 на омикрон, и дека сега присутниот подсој BA.2 се шири мошне бргу, па ќе треба да се направат дополнителни истражувања што ќе го вклучат и него. Како и да е, вакцинацијата сè уште е една од најефикасните мерки за заштита од тешката форма на болеста, хоспитализација и смрт, вели тој.

 

doi: https://doi.org/10.1038/d41586-022-00632-3

Извор: Nature

Клучни зборови: