Кога некој од вашите гаџети го продавате, подарувате на некој ваш близок или, пак, го донирате, секако дека ги бришете сите вашите податоци од него, оставајќи го целосно празен. Се работи за рутина којашто е прв чекор на компјутерската безбедност, нели? Токму затоа, опцијата Reset this PC, којашто со години постои кај Windows, ја вклучува и опцијата за Remove Everything (Отстрани сè), којашто би требало да избрише сè што кога и да е сте складирале на уредот, од програми и датотеки до лични податоци. Но, кај најновите верзии, Windows 10 и 11, се чини дека сè и не значи баш, хм, сè.
Имено, некои сетинзи од OneDrive се чини дека ја саботираат оваа ‘операција’.
Како што забележуваат од BleepingComputer, во документот за поддршка објавен минатата недела Microsoft предупредува дека датотеките складирани во сметките на OneDrive можеби нема да се отстранат од локалната меморија на компјутерот, дури и откако корисникот ќе го примени и помине целиот процесот на ресетирање вклучувајќи ја и опцијата Remove Everything. Очигледно е дека се работи за огромен безбедносен пропуст и проблем. За да го надминете, Microsoft препорачува да се одјавите од OneDrive или да ја прекинете врската на уредот со вашата сметка пред да го ресетирате компјутерот. Ако наидете по ресетирање на компјутерот проблемот повторно се манифестира ќе треба да го избришете фолдерот Windows.old.
Зошто ова се случува сè уште не е сосема разјаснето, но секако дека треба да го знаете ако планирате да го пренесете вашиот хардвер на друг корисник.
Од Мајкрософт велат дека работат на проблемот, но во моментов сè уште не дале временска рамка во којашто тој ќе биде поправен.