Додека Црна Гора уште пред 4 години донесе одлука за формирање Еко-фонд што веќе 2 години е во функција, нашата земја сè уште не ги ни почнала подготовките, иако е меѓу првите земји на Балканот што во минатото имаат формирано ваков фонд – за жал двапати неуспешно. Потребна е силна политичка волја за создавање Фонд за животна средина, во кој би се слевале парите од еколошките такси и надоместоците што ги плаќаат граѓаните и фирмите, а од каде што потоа правилно би се распределувале овие средстсва. Во моментов, средствата од “еко-таксите” одат директно во државниот буџет и не се трошат за она за што во суштина и биле собрани.
Искуствата од Црна Гора треба да бидат искористени и овде, предлагаат од црногорскиот Еко-фонд.
“Еко-фондот во Црна Гора своите активности ги врши во соработка со органите на државната управа, локалните самоуправи, стручните и научните институции и со граѓанскиот сектор”, – истакнува Лидија Шкатариќ, раководителка на службата за проекти на енергетска ефикасност и ОИЕ во Еко-фондот на Црна Гора.
Таа вели дека преку своите активности, задачата на Еко-фондот е да обезбеди финансиски средства за реализација на проекти, програми и активности насочени кон постигнување систематско и сеопфатно зачувување на квалитетот на сите еколошки компоненти, биодиверзитетот, рационално користење на природните ресурси и енергијата како основни услови за одржлив развој.
“Главната цел е остварување на основното право на граѓаните на чиста и здрава животна средина. Со кофинансирање проекти и програми за заштита на животната средина, климата и енергетската ефикасност, Еко-фондот ќе стане еден од двигателите за посилен економски и инфраструктурен развој на Црна Гора, со транспарентност и ефикасност во процедурите за обезбедување, управување и користење на средствата”, – додава Шкатариќ.
Милија Чабаркапа е извршна директорка на невладината организација „Еко-тим“ од Црна Гора, кои главно реализираат проекти поврзани со заштитата на водите, со фокус против изградбата на мали хидроцентрали. Тие како организација биле директно вклучени во одреден степен во формирањето на овој Фонд, со што биле консултирани по одредени прашања како експертска јавност и таа смета дека Фондот ќе помогне во реализирање на нивните проекти и борбата против уништување и неконтролирано искористување на природните ресурси.
“Главниот предизвик на Еко-фондот е да ги обезбеди континуираните приходи неопходни за негово функционирање. Средствата за финансирање на Еко-фондот се обезбедуваат од буџетот на Црна Гора, од еко-надоместоци, заеми, донации и друг вид помош. Исто така, преку програми и фондови на Европската Унија, Обединетите нации и меѓународните организации, потоа странски инвестиции наменети за заштита на животната средина и други извори во согласност со законот”, – вели Чабаркапа.
Јавната кампања за воспоставување Фонд за животна средина, ја спроведува Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ како дел од проектот „Зајакнување на улогата на граѓанските организации во донесувањето одлуки преку застапување за воспоставување Фонд за животна средина“, финансиски поддржан од ГЕФ ПМГ – програма за мали грантови во Македонија.