Рубрика: Метеорологија
Поттикнување на дожд во облаците со електрични полнежи
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.02.2022 - 12:00

Четворица англиски истражувачи, тројца од Универзитетот во Ридинг и еден од Универзитетот во Оксфорд, објавија докази дека испраќањето на електричен полнеж во недождовен облак може да резултира со формирање на капки дожд. Во нивниот труд објавен неодамна во во Proceedings of the Royal Society, тие ги опишуваат нивните пресметки кои покажуваат дека промената на електростатскиот полнеж во облаците заситени со влага може да доведе до поголема варијација на електричниот полнеж, што резултира со формирање на капки дожд.

Со напредокот на климатските промени, научниците веќе предвидуваат дека некои региони ќе станат посуви. Официјалните лица од Обединетите Арапски Емирати мошне сериозно ги сфаќаат ваквите предвидувања и инвестираат во технологија за зголемување на количеството на врнежи во нивната земја. Па токму тие и го платија истражувањето коешто резултираше со објавата на овој труд.

Дали наскоро ќе можеме да ги контролираме временските услови, барем кога станува збор за дождот?

Истражувањето вклучуваше пресметки на електростатските сили помеѓу две спроводливи сфери – во овој случај, водни сфери што сè уште не пораснале доволно за да се опишат како капки дожд. Било откриено дека со зголемување на разликата во полнежите помеѓу капките, расте и привлечноста помеѓу нив. Ова ги навело научниците да предложат дека со зголемување на варијацијата со помош на електричен полнеж, ќе дојде до спојување на капките, што ќе доведе до формирање на дождовни капки. Како што капките се спојуваат и растат во големина, дополнителното електрично полнење треба да резултира со спојување помеѓу капките додека тие не станат доволно големи за да “попуштат” на дејството на гравитацијата  и да паднат на тлото.

Истражувачите предлагаат дека електричниот полнеж може да се внесе во облаците преку дронови, авиони, па дури и преку високи кули. Тие укажуваат и на тоа дека на овој начин не само што би можел да се создаде дожд онаму каде што тој е посакуван, туку и обратно, би можело да се спречат врнежи во одредени регинони на тој начин што, на пример, дождовните облаци ќе се испровоцираат да се “испразнат” пред да преминат во серизно невреме, на пример, во торнадо или ураган. Научниците укажуваат дека техниката може да функционира и во области каде има магла, но не и многу дожд.

А вака на времето Кејт Буш го визуелизираше повикувањето на дожд со "електрични полнежи" ;)
Клучни зборови: