Рубрика: Астрономија и астронаутика
WASP-189b – eгзопланетата со атмосфера налик на Земјата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 07.02.2022 - 12:30

Атмосферата на Земјата се состои од пет слоја со различни карактеристики. Од друга страна, кога станува збор за егзопланетите, сè досега астрономите претпоставуваа дека тие имаат еднослојна униформна атмосфера. Една неодамнешна студија, спроведена од истражувачи предводени од Универзитетот во Лунд штотуку откри дека екстремната егзопланета, со назнака WASP-189b поседува повеќеслојна атмосфера, слично како и нашата, тука на Земјата!

Егзопланетата WASP-189b, откриена во 2018 година, за првпат беше директно набљудувана во 2020 година со помош на сателитот CHEOPS. Понатамошните истражувања покажжа дека егзопланетата се наоѓа на 322 светлосни години од Земјата. Исто така, познато е дека, споредено со Земјата, WASP-189b е 20 пати поблиску до својата матична ѕвезда, поради што нејзината дневна температура  изнесува зашеметувачки 3200 степени Целзиусови. Затоа овој огнен гасен џин се смета како една од најекстремните егзопланети, барем од оние што сме ги откриле досега.

Сателитот CHEOPS со којшто за првпат беше набљудувана планетата WASP-189b

Според студијата, објавена кон крајот на минатиот месец во Nature Astronomy, повеќеслојната атмосфера на оваа егзопланета содржи гасови коишто апсорбираат дел од ѕвезденената светлина. Оваа карактеристична функција е слична со онаа на озонската обвивка на Земјата, а атмосферските гасови на планетата всушност претставуваат пареа од тешки метали, како железо, титаниум, хром, магнезиум, ванадиум и манган. Што е уште поинтересно, во атмосферата е откриен титаниум оксид, којшто мошне ретко се наоѓа на Земјата, и никогаш претходно не бил забележан во атмосферата на една егзопланета. Како што укажуваат научниците, титаниум оксидот има карактеристика да го апсорбира краткобрановото зрачење, како ултравиолетовото, на пример. Оттука, неговото присуство би можело да укажува на постоење на слој во атмосферата на WASP-189b којшто влегува во интеракција со зрачењето на ѕвездите, слично како и озонската обвивка на Земјата.

Уметнички приказ на врелиот гасен џин WASP-189b

Студијата, исто така, укажува дека структурата на атмосферата на WASP-189b е хемиски нехомогена. Научниците ги проучувале набљудувањата направени со помош на HARPS (High Accuracy Radial Velocity Planet Searcher) во 2019 година, при што откриле различни доплерови ефекти помеѓу различни хемикалии. Ова довело до заклучок дека хемикалиите се движат различно низ атмосферата, односно дека таа има посложена структура од претпоставеното.

Атмосферата на егзопланетите долго време е тема на дебатирање помеѓу астрономите и астрофизичарите, но со откритето на атмосфера на егзопланета со тридимензионална термохемиска стратификација, резултатите од ова ново истражување отвораат нови гранични можности.

 

извор Interesting Engeneering

Клучни зборови:
Сателитот CHEOPS со којшто за првпат беше набљудувана планетата WASP-189b

Сателитот CHEOPS со којшто за првпат беше набљудувана планетата WASP-189b