Рубрика: Астрономија и астронаутика
Прво беше водата... а потоа дојде Земјата
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 04.02.2022 - 18:30

За да разберат како настанал животот, научниците ја истражуваат хемијата на јаглеродот и водата. Кај водата тие ги следат различните форми, односно изотопи, на нејзините основни делови – атомите на водород и кислород, во текот на историјата на универзумот. Нешто налик на џиновски “лов на изгубеното богатство”.

Научниците ја следеле трагата на изотопскиот состав на водата во внатрешните области на Сончевиот систем, во којшто се формирала Земјата и другите карпести планети, сè до неговиот почеток. Ова го направиле преку анализа на еден од најстарите метеорити во нашиот Сончев систем, користејќи иновативен метод развиен специјално за нивното истражување.

Добиените податоци укажуваат дека во текот на првите 200 000 години од нашиот Сончев Систем, дури и пред формирањето на најраните планетарни ембриони, постоеле два резервоари на гас. Еден од овие резервоари се состоел од соларен гас, од којшто потекнува и целата материја од нашиот Сончев Систем. Преку метеоритот, научниците успеале за првпат директно да го измерат записот за овој “облак”. Вториот резервоар на гас бил збогатен со водена пареа и веќе имаше изотопски потпис на копнена вода. Тој бил создаден од огромниот прилив на меѓуѕвездена вода кон топлите внатрешни региони на Сончевиот Систем, што се случил по колапсот на меѓуѕвездената обвивка и формирањето на протопланетарниот диск. Раното постоење на овој гас, со изотопски состав сличен на Земјата, укажува на тоа дека водата на Земјата била тука уште пред создавањето на првите помали составни делчиња од нашата планета.

Во истражувањето учествувале научници од CNRS, Универзитетот Париз-Сакле, Француската комисија за алтернативни енергии и атомска енергија (ЦЕА) и Универзитетот во Пау и Пеј д Ладур (UPPA), со поддршка од францускиот Национален музеј за историја на природата (MNHN ). Наодите се објавени неделава во Nature Astronomy.

Клучни зборови: