По проблемот што неодамна го имаше со кинезите, кога тие мораа да направат корекција на орбитата на нивната вселенска станица со цел да избегнат судар со Старлинк сателитите, еве уште еден крајно неочекуван проблем. Како што пренесува Гизмодо, се чини дека земните терминали на Старлинк стануваат мета на “банди” мачки што ги користат како легло.
Минатата 2021 година Старлинк (Starlink) успеал да испорача над 100 000 терминали со коишто успеа да го подобри приемот и брзината на сателитскиот интернет. Но, сега наидуваат на сосема неочекуван проблем – мачки.
Сите сателитски чинии на Старлинк се опремени со грејачи што го спречуваат нафаќањето на снег и на мраз кои инаку би придонеле за нарушување во приемот на сигналот. Токму оваа топлина од грејачите се чини дека од чиниите прави одличен топол “лежај со поглед” за мачките. Инженерите од Старлинк се жалат дека и покрај поставените топли мачешки куќички во близина на приемниците, мачките сепак повеќе ги сакаат чиниите. Претпоставката е дека чинијата им обезбедува дополнително “подно греење” додека уживаат во топлината на зимското сонце.
Starlink works great until the cats find out that the dish gives off a little heat on cold days. pic.twitter.com/uyH3Kbqrie
— Aaron Taylor (@Tippen22) December 31, 2021
Иако тежината на мачките кои уживаат да 'легачат' врз терминалот може да биде реален проблем и потенцијално да придонесе за физичко оштетување, нејасно е дали нивното присуство има влијание врз квалитетот на преносот на сигналот.
До денес, SpaceX има распоредено околу 1 800 сателити во орбита околу Земјата, со цел обезбедување на супер брз интернет во руралните области со Старлинк. Компанијата планира на крајот да располага со 42 000 сателити во ниска орбита коишто ќе работат до средината на 2027 година. Во август, Старлинк се најде на насловните страници кога брзинскиот тест на Ookla, покажа нивниот интернет е многу побрз во споредба со другите сателитски интернет провајдери како HughesNet и Viasat и речиси може да се мери рамо до рамо со фиксниот широкопојасен интернет, барем кога станува збор за тестираната брзина на прикачување и преземање.