Рубрика: Металство и машинство
Хипнотичка забавена снимка од работењето на проѕирен мотор со внатрешно согорување
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 10.01.2022 - 14:30

Иако ширум светот постепено почна да се укинува производството на возила со мотори со внатрешно согорување, четиритактниот мотор треба да добие признание дека е неверојатно добро смислена машина што човештвото ја користи повеќе од еден век. Всушност ваков или сличен мотор речиси сигурно се наоѓа и под хаубата на вашиот автомобил. Благодарение на видеото поставено на каналот TROdesigns на YouTube, сега можеме да го набљудуваме целиот процес којшто се одвива во еден од најкористените типови на мотори во транспортот.

Луѓето од TROdesigns зеле мотор од Honda XR76 од 1977 година и го замениле неговиот метален цилиндар со проѕирна верзија изработена од акрил, за можат да го снимаат процесот на согорување користејќи камера со голема брзина во 4K резолуција.

Акрилот не ја поднесува многу добро интензивната топлина што се создава при процесот на согорување. Затоа тие, исто така, го издолжиле цилиндарот со цел да го намалат степенот на компресија на моторот – соодносот помеѓу волуменот на цилиндерот и волуменот на комората за согорување – од 9,5 : 1 на 8,7 : 1. Со ова овозможиле моторот да работи подолг период пред да се уништи. На овој начин добиле доволно време за  да ја направат потребната снимка. Уште една измена што била направена е тоа што клипот бил полиран и биле додадени прилагодени клипни прстени (карики) за да се спречи предвремено кршење.

Видеото погоре, со времетраење од околу 13 минути, ја прикажува обработката на прстените на клипот, како и склопувањето на моторот пред да се прикаже снимката од работењето на моторот. Видеоснимките ги покажуваат во забавена брзина вентилот и клипот како се движат заедно и пламенот во внатрешноста на изненадувачки робусниот акрилен цилиндар, додека се одвива процесот на согорување. Снимката е навистина импресивна, а можеби е и најдеталната видеоснимка од внатрешноста на еден мотор со внатрешно согорување којашто сме ја виделе во скоро време.

Набљудувањето на работата на клипот е прилично хипнотизирачки, од неговото забавено движење гледано од различни агли, до звукот на моторот што се слуша кога има приказ на адаптираниот клип како се движи во реално време. Изненадува и издржливоста на акрилниот цилиндар, бидејќи внатрешноста на моторот е сè уште јасно видлива дури и при подолготрајна работа.

Со оглед на тоа што земјите како Канада и Норвешка најавуваат забрана за возила со мотори со внатрешно согорување, која треба да стапи на сила некаде околу 2030, оваа снимка може да биде дел од музејска или уметничка инсталација во многу блиска иднина.

Клучни зборови: