Тоа што изгледаше како извесно поткревање на ефективноста против заразување со ковид во изминатите три-четири недели, објаснето со давањето трети дози, повеќе како да не важи. Ваквиот голем пад на ефективноста најверојатно се должи на растечкото учество на омикрон сојот во популацијата, против кого две дози од постоечките вакцини немаат практично никаква заштита.
Ова се гледа и од растечкиот удел на вакцинираните меѓу заразените (околу 50%), којшто практично се изедначи со уделот на вакцинираните во популацијата над 18 годишна возраст (пред 2 недели, од кога важи вакцинираноста со 2 дози, изнесуваше исто така околу 50%).
Добрата вест е што ефективноста против смртен исход практично не се намалува. Доколку броевите не се фингирани, произлегува дека две дози од вакцините се сé уште доволни за заштита од смртен исход и дека третата доза воглавно помага за спречување на заразувањето (додуша на краток рок, а против омикрон сојот ни толку).
Тие коишто досега се вакцинирале со две дози добро направиле, а повеќе корист би имало доколку се вакцинирале повеќе лица со две дози, отколку од давање трети дози на досега вакцинираните. Така барем велат бројките, без разлика какво е толкувањето од гледна точка на имунолошката наука.