Рубрика: Медицина
Најбитното научно истражување коешто ќе ви треба денес :)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.01.2022 - 13:30

Научната заедница се фати во костец со едно од најгорливите прашања што го мачат човештвото низ вековите – функционираат или не традиционалните (и новите) лекови за мамурлак. laugh Новотo систематскo истражување на популарните “иљачи” се обиде да најде квалитетни докази дека супстанциите за кои се тврди дека го третираат или спречуваат мамурлакот предизвикан од алкохол делуваат. Резултатите од истражувањето беа објавени во научното списание Addiction, а еве кои се заклучоците...

Истражувачите повикуваат на поригорозно научно истражување на ефективноста на лековите за мамурлак со цел на корисниците на овие лекови и на јавноста да им дадат точни информации засновани на докази, за да можат посоодветно да донесат одлука дали ќе применат некој од нив.

Постојат мноштво традиционални или фармаколошки лекови за кои се тврди дека се ефикасни против симптомите на мамурлак, но она што недостига е современо научно испитување кое би ја “ажурирало” литературата на тема ефикасност. За да се премости овој јаз, еден научен тим од Кралскиот колеџ во Лондон и Јужен Лондон и Фондацијата Фондацијата Модзли (Maudsley NHS) спроведоа систематска ревизија со цел да ги консолидираат и да ги проценат тековните докази за функционирањето на третманите за мамурлак.

При истражувањето биле разгледани проценила 21 рандомизирано, плацебо-контролирано испитување во кои се истражувале ефектите на екстракт од каранфилче, црвен женшен, сок од корејска круша и ред други лекови за мамурлак. Иако во некои студии се укажува на статистички значајни подобрувања на симптомите на мамурлак, сите презентирани докази биле со мошне низок квалитет, што вообичаено се должело на методолошките ограничувања или на непрецизните мерења. Исто така во ниту еден од ревидираните научни трудови не го истражувала истиот лек за мамурлак и ниту еден резултат не бил реплициран независно, надвор од овие студии.

Потоа, од вкупно 21 разгледувано истражување, осум биле спроведени исклучиво со машки учесници. Трудовите биле воглавно ограничени во нивното известување за природата и времетрањето на алкохолниот предизвик што се користеле при проценка на функционалноста на лековите за мамурлакот, а постоеле значителни разлики во поглед на типот на алкохол што бил консумиран како и во тоа дали тој бил консумиран заедно со храна. Интересно е и што дејството на широкодостапните лекови што ги сите ги користиме за главоболките по, ахем, непроспиена ноќ исполнета со славје, како парацетамолот или аспиринот не било евалуирано со плацебо-контролирани рандомизирани испитувања за мамурлак.

Според истражувачите, идните научни истражувања на оваа тема треба да бидат поригорозни во поглед на нивните методи, со користење, на пример, на потврдени скали за проценка симптомите на мамурлак. Исто така, препорачуваат и соодветно вклучување на жените (урааа!) како учесници во истражувањата за мамурлакот. Добра вест за доброволците (и доброволките) кои ќе се пријават за овие испитувања: за воопшто да може да биде истражуван вашиот мамурлак, претходно ќе мора добро да се подготвите...

Во истражувањето биле опфатени студиите спроведени за дејството на следните лекови за мамурлак: куркумин, Дуолак ПроАП4 (пробиотици), Л-цистеин, N-ацетил-L-цистеин (NAC), доддатоци во исхраната за брзо закрепнување (L-цистеин, тиамин, пиридоксин и аскорбинска киселина), локсопрофен (локсопрофен натриум ), SJP-001 (напроксен и фексофенадин), Phyllpro (Phyllanthus amarus), Кловинол (екстракт од пупки од каранфилче), Hovenia dulcis Thunb. овошен екстракт (HDE), екстракт богат со полисахариди од Acanthopanax (PEA), црвен женшен, сок од корејска круша, L-орнитин, бодликава круша, екстракт од артичока, „Morning-Fit“ (сушен квасец, тиамин нитрат, пиридоксин хидрохлорид и рибофлавин), пропранолол, толфенаминска киселина, хлорметиазол и пиритинол. Како што забележуваме никаде не било истражувано дејството на расолот :) Но, да ја оставиме шегата на страна.

Истражувањето е поттикнато од сосема сериозните последици што ги носи претераното консумирање алкохол за луѓето. Како што укажува водечкиот автор на трудот, д-р Емерт Робертс, “Симптомите на мамурлакот може да предизвикаат значителна вознемиреност и да влијаат на вработувањето и академските перформанси на луѓето. Со оглед на континуираните шпекулации во медиумите за тоа кои лекови против мамурлак функционираат или не, прашањето околу ефикасноста на супстанциите за кои се тврди дека лекуваат или дека со нив се спречува мамурлакот се чини дека е од значителен јавен интерес.“ А ние се сложуваме и со неговата проценка дека “Засега, најсигурниот начин за спречување на симптомите на мамурлакот е воздржување од алкохол или негова умерена консумација“.

Клучни зборови: