Kaspersky предупреди дека измамниците ја користат возбудата на публиката околу новиот филм за Спајдермен “Spider-Man: The Road to No Return“, за да украдат податоци од платежни картички, лозинки, но и да шират малициозен софтвер.
Од почетокот на пандемијата, луѓето ги заменија кината со гледање филмови преку сервисите за стриминг. Премиерата на филмот за Спајдермен им даде можност на измамниците да го искористат исчекувањето на публиката за измама и “садeње” заразени пиратски верзии од филмот.
Пред премиерата на филмот, истражувачите на Kaspersky забележале зголемена активност на измами бидејќи се појавиле голем број веб-страници за фишинг кои нуделе ексклузивни копии од филмот пред тој да биде објавен. Во врска со ова експертот за безбедност на Kaspersky, Татјана Шчербакова, изјави:
„Очекувањата на фановите се големи во моментов, веројатно поголеми од кој било филм. Секој кој некогаш бил обожавател на Спајдермен има свои теории за филмовите кои сајбер-криминалците можат да ги искористат.”
Истражувачите од Kaspersky предупредија дека измамничките веб-сајтови ги повикуваат корисниците при регистрацијата да внесат информации за нивната кредитната картичка за да можат да го гледаат филмот. Кога жртвата ќе ги внесе бараните информации, тие завршуваат во рацете на измамникот, а жртвите, секако, не можеле да го гледаат филмот.
Освен што ги крадат податоците од платежните картички, сајбер-криминалците ги намамуваат обожавателите на Спајдермен да преземаат злонамерни датотеки наменети за преземање на нивните уреди, на тој начин што ги мамат фановите дека всушност преземаат филм. Штом се преземат, овие датотеки инсталираат голем број малициозни програми, вклучувајќи тројанци и реклами.
„За да го зголемат интересот за фишинг сајтовите, измамниците не користат официјални постери за филмот, туку фан-арт [уметност креирана од обожавателите на филмските ѕвезди] со сите актери што се појавиле во ролјата на Спајдермен. Со овие постери сајбер-криминалците сакаат да го привлечат вниманието на обожавателите“, забележаа истражувачите.
Измамниците ги користеле и теориите и гласините што кружеле меѓу фановите за да заработат пари од најновиот филм за овој суперхерој, како, на пример, веста дека Ендрју Гарфилд и Тоби Мекгваер се враќаат во филмот.
Здравиот разум е најдобрата одбрана од ваквите измами. Токму во оваа насока се и предупредувањата од Kaspersky: “Ги повикуваме корисниците да бидат внимателни со страниците што ги посетуваат и да не преземаат датотеки од непроверени страници“.