Рубрика: Омнибус
Урбано возење точак = подобро здравје за сите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 03.12.2021 - 15:00

Велосипедисти на улиците на Копенхаген, Данска

Дека активниот живот и движењето е добро за вас се знае одамна. Сега, едно ново истражување проценува дека милиони животи би можеле да бидат продолжени доколку луѓето се префрлат од возење автомобили на користење велосипед за речиси сите нивни потреби.

Велосипедистите одамна знаат дека возењето ја одржува кондицијата, а возењето велосипед се користи и како алатка за промовирање на јавното здравје, притоа создавањето урбани мапи дизајнирани за на велосипедистите  да им помогнат да ги изнајдат оптималните рути до нивната дестинација се од голема помош. Сега споменатото истражување, спроведено од Државниот универзитет на Колорадо, САД, за првпат ги процени здравствените придобивки од урбаниот велосипедизам во 17 земји.

Добро обмислена велосипедска инфраструктура значи повеќе велосипеди на улиците. Фоторазгледница од Ванкувер, Канада

Според истражувачкиот тим, секоја година би се спречиле потенцијални до 205 424 предвремени смртни случаи доколку земјите го поддржат подигањето и одржувањето на урбаниот велосипедизам на високо ниво. Резултатите од истражувањето, кои беа објавени во Environmental Health Perspectives, ги моделираат придобивките од промовирањето урбан велосипедизам до 2050 година, под претпоставка дека патувањето со автомобил 100% би било заменето со патување со велосипед.

Еден од авторите на студијата, кој и самиот е страствен урбан велосипедист, д-р Дејвид Рохас-Руеда, вели дека истражувањето покажало дека глобалните политики за промовирање на користењето велосипед како превозно средство може да значително да придонесат за намалување на смртноста во годините што доаѓаат. Според него, истражувањето во целост ги поддржува одржливата мобилност и здравиот урбан дизајн, а сегашните политики на ова поле ќе имаат големо влијание врз нашата иднина и врз здравјето на идните генерации.

Истражувањето ги спореди тековните трендови на користењето велосипед како превозно средство во средини со високи нивоа на урбан велосипедизам во 17 земји во Северна и Јужна Америка, Европа, Азија и во Африка.

Сценаријата за развиен урбан велосипедизам се засноваат на политиките кои докажано носат брзо зголемување на учеството во велосипедизмот во сообраќајот. Во овие политики спаѓа обновување на велосипедската инфраструктура на постоечките патишта со цел да се создадат разгранети мрежи од вело-рути; имплементација на системи за достапост на јавни велосипеди во големите градови; реформирање на постоечките закони и практики со цел спроведување подобра заштита на велосипедистите; инвестирање во објекти за пешачење и јавен превоз којшто ќе може лесно да се комбинира со велосипедски превоз; елиминирање на политиките кои поддржуваат дополнителна употреба на моторизирани возила (како што се бесплатен паркинг и субвенции за гориво); како и воспоставување на некаков вид правилник за наплата на такса за возачите на моторни возила по зони.

Истражувачкиот тим користел квантитативна методологија за проценка на влијанието на возењето велосипед врз здравјето, која ги земала предвид придобивките од физичката активност и ризиците поврзани со сообраќајните жртви и вдишувањето на загадениот воздух при патувањето со велосипед.

Истражувачите се фокусирале на возрасната популација во 17-те земји кои биле земени како репер во истражувањето, а исто така било земено предвид и влијанието на електричните велосипеди.

Клучни зборови:
Велосипедисти на улиците на Копенхаген, Данска

Велосипедисти на улиците на Копенхаген, Данска

Добро обмислена велосипедска инфраструктура значи повеќе велосипеди на улиците. Фоторазгледница од Ванкувер, Канада

Добро обмислена велосипедска инфраструктура значи повеќе велосипеди на улиците. Фоторазгледница од Ванкувер, Канада