Рубрика: Енергетика
Ѕидни турбини за урбана обновлива енергија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 23.11.2021 - 13:00

Едно извонредно креативно решение предлага ветерни турбини, налик на прекрасна кинетичка скулптура, вградени во ѕидовите на зградите за искористување на енергијата на ветерот во градовите.

Бројот на ветерни турбини низ светот нагло порасна со падот на трошоците за нивна градба. Досега, луѓето веќе свикнаа на огромните ветернички централи кои во некои држави станаа интегрален дел од пејзажот, и на копно и на море. Но, за разлика од соларните панели, ветерните турбини помалку наоѓаат свое место во урбаните средини, со оглед на тоа што се сметаат за премногу гломазни и бучни. Па така мошне тешко ќе најдете ветерни турбини во срцето на некој поголем град, додека соларните панели на покривите веќе се секојдневна појава.

Дизајнерот и претприемач Џо Даусет (Joe Doucet) решил да ја исправи оваа неправда и да го прошири нашиот комплет алатки за производство на обновлива енергија со едно несекојдневно решение. Наместо да го искористува ветрот со огромни перки закачени на некоја од високите градски кули, тој замислил низа од рамни, хоризонтални ветерници за производство на електрична енергија што мошне лесно ќе може да се вградат во ѕидовите од зградите.

“Турбинскиот ѕид” се состои од низа квадратни панели кои се вртат по 25 оски. Првиот прототип се состои од 25 ветерни турбински генератори кои се веќе комерцијално достапни. Тие се прикачени на соодветни 25 вертикални прачки на кои се прикачени квадратни панели кои го експлоатираат притисокот на ветерот.

Прототипот на ѕидот е со долг 7,5 метри и висок 2,5 метри, но може да се скалира на речиси секоја димензија. На пример, еден ваков модуларен панел може да се поврзе со други слични на него, на ист начин како што сега тоа се прави со индивидуалните соларни панели на покривите.

Иако целиот склоп наликува на  фантастична кинетичка уметничка инсталација, Даусет во неговото интервју за Fast Company тврди дека просечен американски дом на којшто едната страна би била покриена со еден ваков турбински ѕид би можел да ги задоволи неговите годишни потреби за енергија, кои изнесуваат околу 10 000 киловат-часови годишно. Оваа проекција, која се заснова на симулации, каде биле земени предвид некои поголеми флуктуации во зависност од тоа колку ветер удира во турбините. Засега резултатите на Даусет не се потврдени или рецензирани од независни извори, па така овие тврдења треба да се земат со резерва. Во урбаните средини, посилните налети на ветер се придушени од високите згради и од други пречки, па реалната примена на овие турбини може да даде многу поразлични резултати.

Според Даусет неговиот пронајдок најширока примена би нашол во големите комерцијални згради – трговските центри, деловните објекти и супермаркети, дури и во прометните и преполни градови. Конвенционалните ветерни турбини заземаат многу простор, може да бидат бучни и се визуелно непривлечни во урбаните средини. Oвие sидните турбини, со нивните хипнотички ротирачки панели,   можеби се токму оној прифатлив компромис што ни треба во градовите, а би можеле свое место да најдат и покрај  патиштата и автопатите, каде би го искористувале воздушниот притисок што го создава сообраќајот. Во комбинација со соларните панели, овие турбински ѕидови може значително да го намалат нашиот урбан јаглероден отпечаток.

Клучни зборови: