Рубрика: Климатологија
Топлината во дел од тропските предели на горна граница од она што човек може да преживее
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 16.11.2021 - 13:15

Тим од истражувачи од Универзитетот Монаш и од Универзитетот Хасанудин во Индонезија открија дека некои луѓе кои живеат во тропските региони веќе живеат во услови на топлотен стрес коишто се близу до горната граница на условите што човек може да ги преживее.

Истражувачите забележале дека климатските модели што се користат за предвидување на топлотните услови ширум светот воглавно се засноваат на податоци од метео-станиците поставени во релативно населени области. Ваквите податоци, како што забележуваат тие, ги исклучуваат условите во кои живеат луѓето во она што тие го нарекуваат неформални населби. За да дознаат повеќе за условите на кои се изложени овие групи кои живеат во области за коишто се очекува да бидат најсилно погодени од глобалното затоплување, истражувачите распоредиле топлотни сензори во и околу 100 куќи во Макасар, Индонезија, населба во тропскиот дел од земјата. Според видувањето на истражувачите, условите во Макасар се веројатно типични за многу вакви населби во тропските предели – области кои живеат приближно 370 милиони луѓе само во Источна и Југоисточна Азија.

Било откриено дека во текот на дождовната сезона 80% од сензорите забележале температури кои биле повисоки од утврдениот праг за здравствено безбедни. Како што укажале научниците, изложеноста на такви температури и нивоа на влажност има негативно влијание врз здравјето на луѓето што живеат таму. Тие, исто така, откриле дека во неколку случаи, сензорите забележале температури за кои се верува дека ја претставуваат горната граница на она што човек може да го преживее.

Истражувачите истакнуваат дека нивните наоди се алармантни од повеќе причини. Првата е таа што истражувањето открива дека милиони луѓе, во многу делови од светот, веќе живеат во топлински услови кои се штетни за нивното здравје. Другата е што голем дел од овие луѓе се занимава со напорна физичка работа. Како што забележуваат научниците, работењето исцрпувачка физичка активност во услови на екстремна топлина може да биде фатално. Можеби најалармантно од сè е тоа што е речиси сигурно дека условите во наовие региони ќе продолжат да се влошуваат, со оглед на тоа што планетата продолжува да се загрева. За повеќето такви места нема планови за релокација, додека мали се и шансите за инсталирање на технологија којашто би го ублажила топлотниот стрес, како на пример некој вид на климатизација. Сево ова укажува дека овие региони се веќе на пат да  претрпат катастрофа од огромни размери.

Трудот е достапен на сајтот на научното списание Cell.

Клучни зборови: