Рубрика: Психологија
Колку школувањето во домашни услови влијае на понатамошниот живот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 11.11.2021 - 14:30

Според резултатите од едно ново истражување адолесцентите кои се школуваат дома е поверојатно да изградат поцврст карактер и да покажат помалку ризични здравствени однесувања подоцна во животот, но од друга страна имаат помала веројатност да се стекнат со факултетска диплома, споредено со нивните врсниците кои ги стекнуваат знаењата во школските клупи.

Училишните искуства се клучни во обликувањето на патеките на развој и благосостојба подоцна во животот. Досегашните истражувања ги откриваа врските со различните видови на основни и средни училишта и на понатамошните академски достигнувања, но многу малку се истражени достигнувањата надвор од академските перформанси.

Во новата студија, истражувачите користеле податоци од 12 288 деца на медицински сестри кои биле пријавени за учество во истражувањето Growing Up Today (GUTS). Основните податоци, вклучувајќи го типот на училиште кое детето го посетува, биле собрани во 1999 година кога децата биле на возраст помеѓу 11 и 19 години. Податоците за исходите биле собрани првенствено од прашалниците на GUTS од 2010 година, или, кога недостасувале податоци од таа година, од прашалниците за 2013 или за 2007 година.

Беа забележани малку статистички значајни разлики помеѓу децата кои посетувале државни училишта, приватни независни училишта и приватни верски училишта. Меѓутоа, кога биле споредени податоците од учениците кои се школувале дома со оние кои посетувале државни училишта, забележливи биле интересни отстапувања. Децата кои се школувале дома било поверојатно да се пријават за вршење волонтерски активности (β=0,33, 95% CI 0,15-0,52, p<0,002), полесно им простувале на другите (β=0,31, 95% CI 0,16-0,46, p<0,002) и почесто присуствале на верски обреди (RR=1,51, 95% CI 1,27-1,80, p<0,002), но се покажало дека веројатноста била помала тие да сте стекнат со високо образование (RR=0,77, 95% CI 0,67-0,88, p<0,002). Исто така, кај овие адолесценти постоела помала веројатност да користат марихуана, имале помал број на сексуални партнери во текот на животот и поголемо чувство за цел во животот. Резултатите се ограничени со тоа што сите овие адолесценти биле деца на медицински сестри и воглавно биле од белата популација, па така наодите не би можеле лесно да се пресликаат и за другите популации.

Авторите заклучуваат дека резултатите од студијата можат да помогнат за информирање на креаторите на политики, воспитувачите, родителите и другите засегнати страни во образованието при нивните одлуки за училишната политика, особено кога практиките и регулативите за домашно школување претрпеа значајни промени во овие пандемиски услови.

Истражувањето, направено од страна на Тајлер ВандерВил и неговите колеги Факултетот за јавно здравје Т.Х. Чан при универзитетот Харвард, САД, неделава беше објавено во научното списание PLOS ONE.

Клучни зборови: