Кај нас добро знаеме дека политичарите “ама ич” не се за верување. Но, каква е ситуацијата со другите професии? Неодамна спроведеното глобално истражување на агенцијата Ипсос за довербата на граѓаните во различни професии ги истакнува старите “вистини” и новите верувања, но покажува и како пандемијата влијаше и сè уште влијае врз нашата перцепција за вербата во луѓето од различни професионални профили.
Дали е посигурно мислењето на лекар или на научник? Пред да избие пандемијата на ковид, повеќето граѓани во светот веруваа дека научниците се личности од најголема доверба, но здравствената криза што нè потресе сите ги однесе лекарите на врвот од оваа листа. Имено, во просек нешто повеќе од шест од десет лица имаат доверба во лекарите – тоа го потврдуваат резултатите од последното рангирање на Ипсос за професиите што влеваат поголема доверба (Ipsos Global Trustworthiness Index 2021). Освен рокадата на првите две места од истражувањето во 2019 година, резултатите од оваа година го истакнаа и целосниот недостаток на доверба на светската популација во политичарите и во владите.
Рокада на првите две места на провефесионалците кои уживаат најмногу доверба – научниците оваа година се втори, а први се медицинските лица
Научниците и понатаму влеваат најмногу доверба кај шест од десет испитаници во глобалниот примерок (61%) и нивните оценки останаа исти во голем дел од светот последниве две години. Со тоа што најголем пораст на довербата во научниците од 2019 година е забележан во Саудиска Арабија, Унгарија, Бразил и Канада, додека во Мексико довербата во нив претрпе наголем пад.
Наставниците/професорите трет пат по ред остануваат на третото место на најдоверлива професија, со глобална оцена на 55% од испитаниците како доверливи. Како и со научниците, во многу земји оценките на довербата за наставниците и професорите многу малку се поместуваа со текот на пандемијата, а професијата бележи најголемо зголемување на довербата во Саудиска Арабија, како и во Унгарија и во Јапонија. Во истиот период, перцепциите за доверливост се подобрени и во Малезија, Италија и Јужна Африка, додека тие паднале во САД и Аргентина.
Образовниот кадар, барем во светски рамки го зазема високото трето место како професионалци кои влеваат најмногу доверба. Каква ли е состојбата кај нас и што треба да направиме да оваа доверба порасне?
Многу професии остануваат на слични нивоа со оние забележани пред пандемијата, тука вклучително и политичарите, кои се на дното на листата во последните три години. На глобално ниво, три професии се издвојуваат како најмалку доверливи: владините министри, маркетинг директорите и политичарите. Оваа година само десет отсто од испитаниците во просек ги оценуваат политичарите како доверливи.
Иако светскиот просек ја одразува општата доверба во медицинскиот, научниот и наставниот сектор, сепак има граѓани на некои држави кои отстапуваат од просекот. Така во Јужна Кореја свештенството се наоѓа на третото место по ниво на доверба, речиси подеднакво со лекарите. Во Русија и Чиле, пак, голема доверба уживаат “обичните мажи и жени“, додека во Индија и во САД, војската е на првото место на професии од доверба.
За жал, истражувањето не нè опфаќа и нас, па не знаеме какви сè "чудесии" од резултати би добиле. Она што јасно произлезе од истражувањето, спроведено помеѓу април и мај оваа година со анкетирање на околу 20 000 возрасни лица во 28 земји (сите тука) ширум светот, е дека враќањето на довербата на граѓаните треба да биде еден од приоритетите на владите ширум светот. Извештајот на Ипсос ги потврди резултатите и од еден друг показател за глобалната доверба, Еделман барометарот на довербата, според кој во тек е “епидемија на дезинформации и општа недоверба“ во институциите и лидерите ширум светот.