Еден од оригиналните компјутери на Apple, коишто пред 45 години биле рачно изработени од основачите на компанијата – Стив Џобс и Стив Возњак, наскоро ќе се најде на аукција во САД. Пра-прадедото на денешните елегантни Macbook компјутери и сè уште функционален Apple-1, се очекува да достигне цена од 600 000 американски долари на аукцијата што ќе се случи во Калифорнија.
Примерокот кој беше именуван како “Chaffey College“ Apple-1, е еден од оригиналните 200 компјутери што Џобс и Возниак ги конструирале на самиот почеток од компанијата, која од гаражен стартап проект мошне брзо ќе прерасне во ИТ гигант, којшто денес вреди повеќе од 2 билиони (2 x 1012) американски долари. Она што овој уред го прави уште поредок е тоа што тој е обложен со дрво, поточно со коа дрво со богата патина, коешто потекнува од Хаваите. Само мал број од оригиналните 200 примероци ја имаат оваа доработка. Имено, Џобс и Возњак ги продаваа Apple-1 компјутерите во најголем дел како кит комплети, односно како компјутерски делови. Како што соопшти аукциската куќа, една од компјутерските продавници којашто во тој период испорачала педесетина примероци моделот, ќе одлучи дел од нив да ги обложи со дрво. Па, според познавачите, за колекционерите на вредни парчиња од ИТ историјата, овој примерок е еквивалент на можноста да се поседува Светиот Грал на компјутерската техника.
Возњак и Џобс на почетокот од приказната за Епл
Според аукциската куќа John Moran Auctioneers, уредот којшто доаѓа во комплет со видеомонитор на Панасоник од 1986 година, претходно имал само двајца сопственици – професор по електроника на Шафи колеџот во Ранчо Кукамонга, Калифорнија, кој потоа го продадал на еден од својите студенти во далечната 1977 година. Студентот, кој во тоа време платил само 650 американски долари за него, сега има можност да заработи мошне добра сума, имајќи предвид дека еден сличен финкционален примерок беше продаден за повеќе од 900 000 американски долари во 2014 година на аукција во Њујорк.
Примерокот Епл 1 од Шафи колеџот кој се нуди на аукција во Калифорнија
Компанијата Apple го започна својот пат кон успехот во доцните 1970-ти и раните 1980-ти, но по заминувањето на Џобс и Возњак од неа доживеа период на стагнација и пад. Откако во 90-тите години од минатиот век Стив Џобс се врати како извршен директор на компанијата, таа ќе се врати на стазите на успехот. Токму Џобс ќе го надгледува и лансирањето на iPod, а подоцна и iPhone, два револуционерни уреди што ќе го променат светот.