Верификацијата во два чекора не е нова работа, но сепак за многумина е непознат концепт, иако може да спречи хакирање на сметката и кражба на лични податоци. Вториот чекор во процесот на автентикација на корисникот е значително подобра заштита на сметката во споредба со лозинката. Некои онлајн сервиси веќе воведоа задолжителна двофакторна автентикација за сите корисници, а сега и Google одлучи да го стори истото.
Компанијата покани голем број корисници да овозможат двофакторна автентикација за пристап до нивната сметкa, во спротивно тоа ќе се случи автоматски.
За оваа промена бевме свесни веќе подолго време, откако Google го најави овој потег пред неколку месеци. Се чини дека моментот за примена конечно дојде и се случува сега. Минатиот месец, компанијата потврди дека планира до крајот на 2021 година автоматски да ја овозможи проверката во два чекора за 150 милиони корисници на Google. Добар дел од корисниците го потврдија ова, а потврди доаѓаат и од повеќе различни места, како Reddit, на пример. Ако немате овозможено 2SV (потврда во 2 чекора) на вашата сметка, наскоро може да добиете е-порака од Google. Страницата за поддршка на Google потврдува дека корисниците ќе добијат известување седум дена пред автоматски да се активира оваа опција, за да се овозможи време корисникот да се навикне на идејата за користење на новата заштита на сметката.
Ако не наведете метод за потврда како Google Authenticator или СМС-шифри, Google ќе го користи стандардниот метод 2SV, кој вклучува испраќање барање за најава што Google го испраќа до вашиот телефон или внесување код што ви е испратен преку СМС. Ако го изгубите телефонот, Google ќе ја користи вашата втора електронска адреса која сте ја назначиле за сигурносна потврда со цел да ви помогне да пристапите до вашата сметка, затоа не е на одмет да проверите дали е ажурирана.
Преминот на двофакторна автентикација не значи дека мора да се најавувате почесто од претходно. Ќе се најавите само кога користите нов уред и кога Google треба да се увери дека корисникот што пристапува кон сметката сте навистина вие.
Ако веќе не сте овозможиле 2SV на вашата сметка, сега е време да го сторите тоа пред Google да го направи тоа наместо вас. Најавувањето ќе биде малку покомплицирано, но многу е подобро да имате нормална лозинка со вклучен 2SV отколку многу безбедна лозинка без 2SV. Вашата лозинка можеби е најсложената можна, но ако некој пристапи до неа на овој или на оној начин, вашата сметка повеќе не е заштитена. 2SV гарантира дека никој не може да се најави на вашата сметка дури и ако ја знае вашата лозинка, бидејќи мора да помине низ друг метод за проверка до кој имате пристап само вие, било да е тоа вашиот телефон, СМС или апликација за автентикација како што се Google Authenticator или Authy.