Од кога се појави на Нетфликс, серијата Squid Game привлече големо внимание. Таа се инфилтрира во сите сфери од животот, па дури и во крипто-светот. За ова последново, се испостави дека е измама...
Криптовалутата SQUID можеше да биде уште една во серијата криптовалути, но се случи пресврт. Криптовалувата го привлече медиумското внимание благодарение на популарноста на ТВ-серијата, па брзо достигна вредност од преку 2800 долари. Но, веднаш потоа нејзините креатори решија да го монетизираат “успехот“ – ја затворија веб-страницата и милионите долари добиени од трејдерите ги спакуваа во сопствените џебови. Бидејќи креаторите беа сопственици и на поголемиот дел од новата валута, автоматски вредноста на валутата SQUID падна по продажбата на средствата и... стана безвредна.
Валутата се појави на 20 октомври и брзо достигна вредност од неколку илјади долари. Сега застана на 0,004, па дури и оние што купуваа монети на самиот почеток изгубија пари. Се посочува дека тоа не е ништо ново во светот на криптовалутите и дека се работи за таканаречено “влечење на чергата“ – ситуација во која креаторите ја надувуваат вредноста на новата валута со намера веднаш да ја искешираат, за многу брзо да им ја “извлечат чергата од под нозе” на оние кои им верувале и им дале средства. Со други зборови, набрзина ги собираат реалните пари од лековерните инвеститори и потоа исчезнуваат без трага.