Група научници од Очниот центар Џон А. Моран (John A. Moran Eye Center) при Универзитетот на Јута, САД, откриле нов тип на нервна клетка, односно неврон, во мрежницата. Како што објаснуваат, имајќи ја предвид морфологијата, физиологијата и генетските својства на оваа клетка, “таа не се вклопува во петте класи на ретинални неврони кои првпат беа идентификувани пред повеќе од 100 години“.
Централниот нервен систем функционира како сложено коло од неврони коишто меѓусебно комуницираат при преносот на сензорните и моторните информации. Притоа, таканаречените интерневрони служат како посредници во синџирот на комуникација. Во трудот објавен во Proceedings of the National Academy of Sciences of the United States of America, споменатиот научен тим тврди дека идентификувале претходно непознат тип на интерневрон во мрежницата на цицачите.
Откритието претставува забележителен напредок на ова поле со оглед на тоа што научниците е обидуваат подобро да го раберат начинот на којшто функционира централниот нервен систем, преку идентификување на сите класи на неврони и начинот на којшто тие се поврзани.
Инспирирани од формата на новиот вид неврон, налик на рачно ѕвоно, истражувачите ова нервна клетка ја нарекоа Кампана (Campana) – ѕвоно. Кампана-клетките ги пренесуваат визуелните сигнали од другите два типа на светлосно-сензорни клетки во мрежницата – стапчиња и чепчиња, но нивната конкретна намена сè уште се истражува. Експериментите покажале дека кампана-клетките остануваат активирани невообичаено долго време, дури 30 секунди, по стимулација со светлосен блиц во траење од 10 милисекунди.
Истражувачите претпоставуваат дека новиот тип неврони можеби игра улога во поттикнувањето на времената меморија, со оглед на тоа што при побуда се однесува слично на мозочните неврони вклучени во меморијата и учењето.