Тврдењата на еден човек, Ерни Лапоинт, дека е правнук на легендарниот индијански водач Бик што седи беа потврдени со употреба на ДНК којашто беше извлечена од парчето коса за кое со сигурност се знае дека некогаш било дел од овој голем човек. Ова е прв случај со помош на анализа на стара ДНК да се потврди семејната врска помеѓу некоја историска личност и поединец, наш современик.
Тестовите беа направени со употреба на нова метода за анализа на семејните линии со употреба на парчиња од стара ДНК. Техниката ја разви научниот тим од Универзитетот Кембриџ, под водство на професорот Еске Вилерслев и Геогенетскиот центар на фондацијата Лундбек.
Традиционалните техники за ДНК анализа, при коишто се бара генетско совпаѓање на специфичната ДНК во Y хромозомот што се наследува по машка линија, или на митохондријалната ДНК што се пренесува по женска линија, во овој случај не би дале веродостојни резултати, со оглед на тоа што Ерни Лапоинт тврдел дека е наследник на Бик што седи, од мајкина страна.
Со новата техника, во генетскиот материјал извлечен од примерокот се пребарува т.н. автосомална ДНК. Со оглед на тоа што овој генетски материјал го наследуваме половина од автосомалната ДНК од таткото а половина од мајката, ова значи дека генетските совпаѓања може да се прегледаат независно од тоа дали предокот бил од мајкината или од татковата линија.
Автосомалната ДНК на водачот на народот Лакота Сијукс (Sioux), Бикот што седи, земена од прамен од неговата коса била споредена со ДНК примероците земени од Ерни Лапоинт и од други припадници на Лакота Сијукс народот. Тестовите потврдиле дека Лапоинт навистина е правнук на Бик кој седи, и негов најблизок наследник.
Праменот коса што некогаш бил дел од Бикот кој седи од којшто е земен генетскиот материјал за анализа
Оваа нова техника може да се користи кога истражувачите располагаат со сосема мал број генетски податоци, како што е случај во ова истражување. Трудот на научниците отвора пат за слични ДНК тестови за сродноста на други, одамна починати историски ликови и нивните можни, денес живи потомци. Истот така со оваа техника може да се добијат и одговори на некои од важните прашања, со анализа на старата човечка ДНК која досега се сметала премногу оштетена за анализа, на пример при форензичките истраги
На научниците им беа потребни сè на сè 14 години за да најдат начин да извлечат ДНК којашто ќе може да се употреби од косата на Бик што седи. Зачуваниот примерок е во мошне лоша состојба, со оглед на тоа што се чувал на собна температура во музејот на Смитсонијан во Вашингтон, пред да им биде вратен на Лапоинт и неговите сестри во 2007 година.
Па така, до ова истражување роднинската врска помеѓу Лапоинт и Бик што седи можела да се потврди само врз основа на изводите од книга на родени и книгата на починати, со следење на семејното стебло и разгледување на историските записи. Оваа нова генетска анализа овозможи дополнителен доказ што ги потврдува неговите тврдења.
Фотографија од Бик што седи и од неговиот директен потомок, правнукот Ерни Лапоинт
Лапоинт верува дека коските од Бик што седи денес лежат на местото Мобриџ во Јужна Дакота, коешто нема никаква врска со неговиот славен предок ниту пак со културата што тој ја претставува. Тој е подеднакво загрижен и за одржувањето на самиот гроб. Имено, официјално постојат две места на кои се наоѓаат коските од Бикот што седи – во Форт Јејтс, Северна Дакота и во Мобриџ, места што редовно се посетуваат како туристичка атракција. Лапоинт се надева дека овој доказ за директно наследство ќе овозможи на неговиот прадедо да биде погребан на посоодветна локација.
Но, пред останките од гореспоменатите локации да можат да се преместат било каде, тие ќе треба да се анализираат на сличен начин.
Татанка-Јотаке, водачот на една од славните домородни американски нации Лакота, попознат како воинот Бик што седи (1831-1890), предводел 1500 Лакота воини во познатата битка кај Литл Бигхорн во 1876 година, во којашто го уништил американскиот генерал Кастер и пет чети негови војници. Овој подвиг засекогаш ќе го симболизира отпорот на американските Индијанци кон ненаситноста на белиот човек за градење империја. Бикот што седи е убиен во 1890 година од страна на т. н. индијанска полиција, којашто дејствувала во име на американската влада.