Добри вести: откриен е механизам кој спречува воспаление на централниот нервен систем како последица на воспаление во стомакот. Лоши вести: промената на релација црева-мозок генерира анксиозност и депресија.
Едно неодамнешно истражување на италијанските научници, објавено во Science, опишува мошне важен биолошки механизам кој го поврзува здравјето на нашите црева со здравјето на мозокот. Овој механизам се активира во присуство на одредени цревни заболувања, за да се спречи ширење на воспалението кон централниот нервен систем, и тоа е добро за нас. Негативната страна е што истиот тој феномен се чини дека е одговорен и за манифестации од типот на депресија и на анксиозност, кои честопати се поврзуваат со хроничните воспалителни болести на цревата.
Истражувањето кое беше спроведено под водство на Марија Решињо, раководител на Лабораторијата за мукозна и микробиотска имунологија во истражувачкиот болнички центар Humanitas во Милано, се фокусираше на хориоидниот плексус, мозочна структура којашто помага во филтрирањето на супстанциите кои се наоѓаат во крвта и притоа спречува штетните “состојки” да стигнат до нервниот систем. Истражувачите забележале дека во присуство на воспалителни молекули, филтерот ги згуснува “решетките” за да го заштити мозокот. Овие молекули, што вообичаено во здрав организам ги нема, продираат во крвните садовите кога некои болести, како, на пример, Кроновата болест или улцеративниот колитис, ја прават попропустлива бариерата што го двои цревата од крвотокот.
Истражувањето исто така потврдило и дека постои соодветна комуникација помеѓу цревата и мозокот која е мошне деликатна и важна за нашата општа благосостојба. Имено, експериментите на животини покажале дека затворањето на “портата“ што ги поврзува мозокот и цревата, односно намалувањето на пропусливоста на бариерата што го штити нервниот систем, предизвикува вознемирено однесување и проблеми со меморијата, сè дури нејзината функција не се врати во “нормала”.
Оттука, заклучуваат истражувачите, менталните симптоми поврзани со воспалителна болест на цревата може да бидат последица на нарушената крвоточна “комуникација” црева-мозок.