Канадскиот гигант за е-трговија Шопифај (Shopify) најави партнерство со гигантот за стриминг музика Спотифај (Spotify). Со ова во апликацијата покрај музиката, на Спотифај ќе биде овозможена и продажба на различни предмети од уметниците.
Партнерството се случува само два месеци откако компанијата со седиште во Отава постигна сличен договор со апликацијата за споделување видеа TikTok. Во соопштението од Шопифај се вели дека музичарите ќе можат да ја поврзат нивната продавница на Шопифај директно со нивниот профил на Спотифај, така што слушателите ќе бидат во можност да ги купат и другите предмети од нивните омилени артисти на истата страница на Спотифај на којашто пристапуваат до нивната најнова музика.
Во таа насока Амир Кабара, директорот за производи на Шопифај, изјавил дека уметниците сè повеќе стануваат и претприемачи создавајќи “повеќеслојни брендови и бизниси, а сега им ја олеснуваме средбата со обожавателите таму каде што тие се наоѓаат“. Со ова, додаде тој “ние ги поттикнуваме уметниците да размислуваат надвор од традиционалната трговска понуда, нудејќи нови начини за монетизација, и да експериментираат со нивните брендови преку трговија“.
Услугата најнапред ќе биде достапна за слушателите во САД и во Канада, но и во Австралија, Британија и во Нов Зеланд.